Големо изненадување: Најстарите мумии не се египетските, а откриени се при изградбата на хотел

Кога слушаме за мумии, повеќето од нас прво помислуваат на Египет. Така нѐ учеа на училиште, а врската меѓу мумификацијата и древниот Египет е популаризирана во филмовите и сериите, па – кој би нè обвинил? Но, благодарение на најновите откритија и истражувања, една друга, многу подалечна земја полека ја урива оваа алка и добива (туристичка) слава на своите мумии.

Ајде да одиме во Јужна Америка, во Чиле. Тука се пронајдени најстарите мумии во светот. Се верува дека луѓето од пустината Чинчоро првпат почнале да ги мумифицираат своите мртви пред 7.000 години. Сè започна во пустината Атакама во 5-от милениум п.н.е., а приказната го доби своето продолжение дури неодамна кога беа откриени мумифицирани тела на само метар под површината на земјата.

Истражувачите и новинарите сугерираат, со оглед на многуте верувања за мртвите кои постојат во Латинска Америка, дека локалното население може да се плаши од овие места. Но, како што велат – новите откритија воопшто не ги плашат. Тоа се нивните предци, а тие се задолжени да се грижат за нив и денес.

Минатата година, локалитетите на мумиите и старите гробови беа впишани на списокот на светско наследство на УНЕСКО. Покрај тоа што сме сведоци на богатата историја и култура на областа, како и процесот на мумификација, кој е постар отколку што многумина мислеа, ни дава вреден увид во ритуалите на овој древен народ. Така, на пример, за разлика од Египќаните, тие ги мумифицирале сите починати без разлика на нивната финансиска состојба или пол. Хемискиот состав на коските сугерира дека тие најмногу јаделе морска храна.

Најстарата мумија датира од 5050 п.н.е., а практиката на мумификација престанала околу 1800 п.н.е. До денес се откриени околу 280 мумии, а интересно е што на некои од нив се пронајдени траги кои наликуваат на тетоважи – ако се открие дека се тетоважи, ова ќе биде најстариот пример за тетовирање на американските континенти, а четврти најстар пример за тетовирање во светот.

Иако признанието од УНЕСКО пристигна дури сега, локалното население долго време знаело за овие мумии, пишува Би-Би-Си. Бидејќи телата биле закопани блиску до површината на земјата, работниците кои ја ископувале земјата за да градат цевки, а подоцна и хотели, наишле на слоеви и слоеви мумии. Така наместо хотел, тие добиле музеј и светска слава – затоа сега ќе им требаат повеќе хотели …