За почиста Македонија, група на млади ентузијасти ги ослободуваат природните убавини од ѓубрето
Мислам дека сите сме свесни дека природата е најголемото богатство од кое зависиме. Но, и таа зависи од нас, односно од нашата свест и совест да не ја загадуваме и да ѝ возвраќаме со љубов.
За жал на многу локации низ Македонија луѓето кои ги посетуваат природните убавини не покажуваат почит кон самата природа и своите отпадоци ги оставаат зад нив. За среќа не се сите луѓе такви и сѐ уште постојат млади етузијасти кои се подготвени да застанат на страна на природата и да ја разбудат свеста кај несовесните граѓани.
„За почиста Македонија“ е неформално и невладино здужение на граѓани оформено од група на млади ентузијасти од Скопје. Основано е во јуни 2020 година како дел од проектот „European youth at the frontlines of active citizenship”(Организирано од Волонтерски Центар Скопје) и финансирано од страна на Erasmus+ програма на Европската Унија.
„За почиста Македонија е здружение чии членови се залагаат за промени во врска со зачувување на природата и одржување на чиста околина. Нашата цел е да ги одржиме планините, чисти и убави какви што заслужуваат да бидат, за да може сите да уживаме во нив. Затоа во наредниот период ќе спроведеме низа Еко акции за собирање на расфлан отпад во националните паркови, шуми и планини во близина на Скопје.“, вели основачот Петар Стевановиќ.
Социјалните мрежи се најлесниот начин да се дојде до поголема група на луѓе, па така Петар вели дека ги мотивирале активните планинари и спортистите да им испраќаат фотографии со кеси полни со ѓубрето кое го собрале по патот на планината која ја посетиле и да им ја посочат локацијата.
Како што ја будат заинтеренсираноста кај луѓето така и нивните еко акции стануваат поголеми. Првата била организирана на 30.08.2020г на средно Водно и на врвот на Водно. Втората еко акција ја организирале пред околу еден месец заедно со планинарското друштво „I love Hiking“ и овој пат нивната дестинација била терасата на Козјак која е познато излетничко место.
Најновата, но секако не и последна акција е онаа во излетничкото место Марков Манастир во соработка со „Волонтерски центар Скопје“ каде што од „За почиста Македонија“ не повикале на масовност со цел да се почитуваат препораките во врска со Ковид-19.
Едно е сигурно кај младите, па и кај повозрасните, потребна е промена кога станува збор за еколошката свест. Можеби звучи едноставно бидејќи единственото нешто што треба да го знаат е да „не фрлаат отпадоци таму каде што не им е место“, но за жал сѐ уште сме сведоци на грди слики и во урбаните и во руралните средини.
Се надеваме дека од „За почиста Македонија“ ќе се изборат за својата цел и сите ќе бидеме сведоци на едно подобро утре.