Гувернерот на САД вели дека учениците ќе се заразат со Корона, но „ќе им помине“

Во обид да ги отворат училиштата, американскиот гувернер рече дека учениците ќе се заразат со Корона, но „ќе им помине“, односно „ќе ја надминат“. Контроверзната изјава доаѓа од гувернерот на Мисури, Мајк Парсон, кој сака учениците да се вратат на училиште и покрај фактот дека шансите да се заразат со вирусот се многу големи. Мисури неодамна бележи драстично зголемување на нови случаи на коронавирус, од 662 на 10 јули на скоро 7.000 заклучно со 20 јули.

„Овие деца треба да се вратат на училиште – тие се со најнизок можен ризик, и ако добијат COVID-19, што ќе се случи кога ќе тргнат на училиште, тие нема да одат во болници. Тие нема да мораат да седат во ординациите на лекарите – тие ќе одат дома и ќе го надминат тоа, а во најмногу случаи се покажа дека е така.“, изјави гувернерот.

Со оглед на тоа што во САД децата најчесто не живеат со своите баби и дедовци ефектот од нивното повторно одење на училиште не би бил толку кобен, но од друга страна пак вирусот е непредвидлив и никој не знае како би можел да реагира во однос на нивните родители или пак и самите деца.

Исто така носењето маски не е задолжително во Мисури. „Гледајте, луѓето во оваа држава се причината зошто не сум побарал задолжително носење на маски во оваа држава. Луѓето можат да го сторат тоа, можете да носите маска. Не треба владата да ви кажува да го сторите тоа. Силно ги препорачувам – не сакам никој да мисли дека сум против маски затоа што тоа не е случај.“, вели гувернерот Парсон.