Херои, молери од Србија спасија 15-годишно девојче од сигурна смрт откако во нејзиниот стан избил пожар

Србија доби свои нови херои, 5 молери, кои ги ризикуваа своите животи за да му помогнат на 15-годишно девојче кое останало заглавено во станот во Дорчол, откако во него избил пожар. Соседите изјавиле дека глетката била страшна, додека тинејџерката вреската од терасата, а нејзината беспомошна мајка која била пред зградата не можела ништо да направи.

Причина за пожарот била славска свеќа. Претходниот ден семејството славело слава и како што налагаат обичаите запалиле свеќа. Свеќата била оставена да гори, додека мајката отишла во продавница, а тинејџерката влегла во купатилото. Свеќата паднала и наскоро целиот стан бил зафатен од пожарот. Кога девојчето го почувствувало чадот излегло од купатилото и единствено можела да стигне до терасата каде што почнала да бара помош.

5-мина молери работеле на фасадата на соседната зграда и ги слушнале нејзините крици за помош. Павле Гавура (36), Лазар Ереша (30), Немања Држаиќ (20), Ненад Јанковиќ (19) и Нико Давид (30) без размислување веднаш тргнале да помогнат. Тие првин се обиделе да ја разбијат вратата на станот кој се наоѓа на 10-тиот кат, но откако не успеале дошле до идеја да го спасат девојчето од терасата на станот подоле.

Момците успеале во својата мисија и девојчето било префрлено во болница. По телото имала изгореници од прв степен, а се наголтала и голема количина на чад, но е во стабилна состојба. Пожарникарите по неколку часа успеале да го изнасат пожарот кој го зафатил и станот погоре и покривот на зградата, а градоначалникот на општината ветил обновување на становите.