Храбри Авганистанки излегоа на улица во знак на протест против враќањето на Талибанците

Снимките кои го обиколија светот прикажуваат група храбри жени во Кабул како излегуваат на улица да протестираат за своите права.

Ова се случува како резултат на стравувањето за безбедноста на сите жените и девојчињата во Авганистан, сега откако талибанците ја презедоа контролата врз главниот град.

Постојат извештаи на кои се вели дека вратите на познати и истакнати жени се обележани со боја, а новинарките веќе беа отстранети од етерот на повеќето телевизиски мрежи.

Хедер Бар, од„ Хјуман рајтс воч“, изјави дека училиштата за девојчиња сега се затворени, а жените гледаат како нивните животи се менуваат за неколку дена:

„На жените им е кажано дека не можат да ја напуштат својата куќа без махрам, што е машки член на семејството. Жените се принудени да останат без работа. Тоа се жени кои работат како професионалци кои се обучувале долго време. Тие ги претвораат жените во затвореници во нивните домови“.

Видеото, кое го сподели главниот  дописник на Ен -Би -Си, Ричард Енгел, покажува како храбрата група жени држат плакати на кои пишува  дека „работата, образованието и политичкото учество се право на секоја жена“.

Во друго видео, споделено од писателот и фоторепортер Араш Азизада, може да се видат четири жени како протестираат надвор од нивната канцеларија, со транспаренти на кои пишува „треба да им биде дозволено да работат, тоа е право што им е дадено од Алах“.

Талибанците владееја со Авганистан од 1996 до 2001 година, кога режимот беше соборен од американските сили. Во овој период, на девојчињата им беше забрането да се образуваат, додека жените можеа да излезат во јавност само ако носат покривки на целото тело и се придружувани од маж.

Жените кои ги прекршиле таквите правила ризикувале да се соочат со брутални казни, вклучително и јавно камшикување, каменување, ампутации, па дури и егзекуција.