Хуман Македонец склопува и подарува компјутери за децата кои не можат да си ги дозволат

Откако започнаа првите планови за воведување на онлајн настава, првата работа за која се запрашаа голем број на родители е како ќе обезбедат средства (компјутер, лаптоп, таблет) за своето дете или деца. За овој сериозен проблем сѐ уште нема конкретно решение кое не би ги дискриминирало семејствата со помали примања. Сепак благодарение на еден хуман човек нечии животи можат да се сменат и работите да ги преземеме во наши раце, колку што можеме.

Мики Цветанов веќе некое време спие на троседот затоа што спалната соба си ја претворил во работилница. Тој таму склопува стари компјутери кои потоа ги подарува на дечињата на кои им се најпотребни, за да можат непречено да ги следат часовите како и нивните другарчиња. Идејата на Мики не била неговата приказна да се расчуе туку да помогне, но добриот глас надалеку се слуша па веруваме дека вреди да се сподели сѐ што ќе испирира повеќе луѓе за понатаму.

Ние го прашавме Мики како дошол до ваква идеја, а тој ни одговори:

„Идејава дојде како производ на целата ситуација околу образовниот систем. Неможноста на родителите од ранливите групи да им ги обезбедат основните потреби на своите најмили. Всушност не се во прашање само ранливите групи туку и многудетни семејства, каде во ист временски период би требало две, три или повеќе деца да следат настава. Државата крева раце од народот, а наметнува задолжително образование без да се запраша од кој џеб би ги извадиле родителите средствата.“

На прашањето како доаѓа до потребните делови Мики одговори:

„На почетокот ги извадив сите компјутерски делови кои ми се наоѓаа по дома за да склопам конфигурации за моите две деца. Тоа што остана вишок беше поттик да склопам уште некоја конфигурација и истата да ја подарам. Фалеа делови па се осудив да ги побарам по пријатели и ИТ форуми. Некои од деловите ги платив од сопствен џеб, воден од пораката дека сме сиромашни за многу, а не за малку. Низ муабет со пријатели и познаници се рашири и идејата. Ги подарив и првите две конфигурации, а со тоа ми порасна и апетитот да помогнам на уште некој.“

Мики има 11-годишно искуство во поправка на компјутери, па затоа одлучил своето знаење да го преточи во хумана работа. Еве што го мотивира Мики за да продолжи да работи за децата и нивната иднина:

„Она што ме мотивира во понатамошната работа е позитивниот фидбек од оние на кои најмногу им е потребна оваа помош. Јас знам дека ова не е многу и би сакал да сум во можност да подарувам и повеќе, но длабоко во себе знам дека и ова малку за некого е многу. Убаво би било кога би имало повеќе луѓе со истиот мотив како мојот. Кога завидливоста, партиската и верската припадноста би се тргнале на страната и секој што е во можност да помогне секому без да очекува награда за неговата добрина. ако мојата постапка не штети никому и првенствено мене ми пружа сатисфакција, тогаш сум сигурен дека и друг би нашол убавина во истата. Нека целава ситуација ни биде мотив да бидеме подобри луѓе утре.“

Цветанов сега за сега деловите ги собира преку донации од пријатели и форуми и за дечињата на кои им се потребни комјутери исто така доаѓа по пат на познаници. Иако би било најубаво Мики воопшто да не мора да прави ваков хуман гест, сепак кога ситуацијата е таква ваквите потези се благослов.