И Шпанија се придружува на другите земји за грижата и заштитата на репродуктивното задравје на жените

Шпанија е првата западна земја која ќе дозволи тридневно отсуство на жените од работа за време на менструалниот циклус.

Во други земји во светот како што се Јапонија, Јужна Кореја, Индонезија и Замбија веќе функционира оваа пракса.

Шпанската влада следната недела ќе го донесе новиот пакет здравствени мерки кој ќе се однесува конкретно на репродуктивното здравје на жената. Со овој пакет мерки се предвидува тридневно отсуство од работа на жената за време на менструалниот циклус, потоа производите за женско здравје во супермаркетите ќе се продаваат со цена без данок на додадена вредност, на девојчињата од 16 и 17 години нема повеќе да им треба дозвола од родител доколку сакаат да абортираат. Истотака, со овој пакет мерки е предвидено дистрибуција на бесплатни производи за женско здравје на социјално ранливите категории.
Училиштата ќе имаат обврска да обезбедат хигиенски влошки за оние ученички на кои ќе им биде потребно.

Државниот секретар за еднаквост и против родово насилство, Ангела Родригез за весникот Ел Периодико го изјави следното: „Правата кои се однесуваат на менструалното здравје никогаш не биле дискутирани и податоците се застрашувачки.“ Понатаму истотака рече:
„Една од четири жени не можат да си дозволат хигиенски влошки поради финансиски причини.Токму затоа предлагаме бесплатна достава во образовните и социјалните центри.“

Според неа менструалниот циклус не е вообичаена здравствена состојба, туку треба да се третира како прилично сериозна здравствена состојба која е проследена со силна болка или дисменореја, дијареја, главоболки и треска. И токму поради тоа жените треба да останат дома за што полесно да го пребродат тој период.

Истотака, таа објави дека сака да стане прва во светот која ќе открие контрацептивна пилула за мажите. Испитувањата се планирани да почнат во месец Јули.

Министерството во Шпанија смета дека со овој пакет мерки би се намалила трговијата со жени и проституцијата.