Илон Маск има малку контроверзен став: Важно е сите да умреме …

Шефот на Tesla и SpaceX, Илон Маск, е познат по неговите малку необични и често контроверзни ставови за широк спектар на теми. Од фактот дека човештвото треба да го колонизира Марс, до неговиот интересен однос со криптовалутите.

Но, изјавата што ја даде во интервју за The Wall Street Journal е веројатно најконтроверзната досега. Зборувајќи за тоа како технологијата може да го продолжи животниот век на човекот во иднина, па дури и да им дозволи на луѓето да живеат „вечно“, Маск отворено рече дека не е поддржувач на такви технологии.

„Важно е да умреме, бидејќи луѓето најчесто не се предомислуваат – тие само умираат“, рече Маск, но и објасни: „Ако живееме вечно, би можеле да станеме многу ригидно општество во кое новите идеи не можат да успеат.“

Интересно е тоа што иако е познат по иновативните, а понекогаш дури и неверојатните идеи, Маск тврди дека не знае за технологија која би го забавила стареењето или значително би го продолжила животот на човекот.

Инаку, Маск, кој има 50 години, во последно време е многу гласен кога станува збор за староста. Така, тој неодамна го „прободе“ американскиот претседател Џо Бајден (кој има 79 години) на Твитер и предложи да се постави старосна граница за американските политички лидери по што тие нема да можат да се кандидираат за јавни функции.

Ајде да поставиме старосна граница по која не можеш да се кандидираш за политички функции, можеби бројка под 70…, напиша Маск на Твитер, алудирајќи на бројот 69, со кој често сака да се шегува.

Дополнително, Маск, инаку татко на шест деца, рече дека „опаѓачката стапка на новороденчиња“ низ светот е „еден од главните ризици за опстанокот на цивилизацијата“. Тој објасни дека со зголемувањето на животниот век ќе има стареење на светската популација и сè помалку новороденчиња.

Запрашан дали тоа е причината поради која има шест деца, Маск низ смеа одговори дека се обидува да го даде „својот придонес“.