Илон Маск: „Мојот совет за основање семејство е: Основајте го веднаш, не се мислете“
Елон Маск вели дека луѓето премногу се грижат за трошоците на чување деца и вели дека сите треба да имаат деца што е можно побрзо.
Извршниот директор на „Tesla“ и „SpaceX“ беше прашан на митинг на поранешниот претседател Доналд Трамп во Херисбург, Пенсилванија, каков совет би ѝ дал на младата генерација за родителството.
„Мојот совет е да почнете веднаш“, одговори тој. „Мислам дека луѓето премногу се грижат за тоа да имаат деца“.
Маск, кој е меѓу најбогатите луѓе со проценето богатство од 242 милијарди долари според „Bloomberg Billionaires Index“, додаде: „Но, искрено, нема подобро време од сегашноста. Само имајте деца. Нема да зажалите“.
Технолошкиот извршен директор, кој има 11 деца, веќе неколку години ги повикува луѓето да се размножуваат, предупредувајќи на глобален колапс на населението доколку тоа не се случи.
„Само имајте деца на кој било начин, инаку човештвото ќе исчезне“, објави тој на платформата „X“ во мај.
„Се трудам да охрабрам повеќе луѓе да станат родители и идеално да имаат три или повеќе деца, за да расте човештвото“, напиша Маск во февруари. Во декември, Маск изјави дека разбира ако некој не може да има деца, но смета дека е „нехумано“ да не се имаат намерно.
Коментарите на Маск дојдоа во време на инфлација и зголемени каматни стапки, кои ги зголемија трошоците за живот. Истражувањата покажуваат дека многу потенцијални родители се загрижени за финансиското влијание на основањето семејство. Според анкетите на „Pew Research Center“, процентот на бездетни возрасни лица под 50 години кои рекле дека немаат намера да имаат деца пораснал на 47% во 2023, од 37% во 2018. Од нив, 36% како главна причина ја навеле финансиската состојба.
Коментирај анонимно