Имала за цел да разговара со боговите! Необична мумија пронајдена во Египет ги зачуди археолозите

Археолозите пронашле мумија стара 2.000 години со златен јазик на античкиот египетски археолошки локалитет Тапосирис Магна. Тие веќе имаат теорија зошто мумијата е погребана со златен јазик, иако се изненадени од откритието.

Античките египетски балсамери можеби ставиле златен јазик на мумијата за да се осигурат дека починатиот може да зборува во задгробниот живот, се вели во соопштението издадено од египетското Министерство за антиквитети на 29 јануари.

Ако, на пример, мумијата со златниот јазик во задгробниот живот го сретнела Озирис, божество задолжено за задробниот живот и има влијание на задгробниот живот на починатите, тогаш златниот јазик би му дозволил да комуницира со божеството, верувале античките Египќани.

Останува нејасно дали починатиот имал пречки во говорот или бил нем пред неговата смрт, но всушност останува и неразрешено зошто јазикот на оваа мумија бил направен толку специфично од злато.

Мумијата е откриена од археологот Катлин Мартинез од Доминиканската Република, во една од 16-те гробници на гореспоменатото место Тапосирис Магна. Локалитетот има храмови посветени на Озирис и Изида, божицата која била сестра и сопруга на Озирис.

Овие храмови биле користени во времето на египетската кралица Клеопатра VII, а докази за тоа се пронајдени во форма на мноштво антички египетски монети со ликот на кралицата Клеопатра VII, така што ова сугерира дека тие биле користени за време на нејзиното владеење.