Интересни факти за прекрасната Шар Планина која неодамна стана национален парк
Шар Планина е местена во северозападниот дел на Македонија на границите со Косово и Албанија. На прв поглед релјефот изгледа питом, но кога ќе почнете да се искачувате станувате свесни за нејзината грамадност.
Самата планина зафаќа повшрина од 1.600 км2. 56,25% ѝ припаѓа на Македонија, 43,12% на Косово, а останатиот дел од 0,63% на Албанија. Таа припаѓа на областа која е наречена токму по неа – Шарската област, во која влегуваат и планините: Бистра, Стогово, Караорман и Галичица. Што се однесува до климата, на Шар Планина постои интересно климатско обележје кое се одликува со разновидни микро и макро климатски варијации и во кое метеролошките елементи имаат свој специфичен дневен и годишен од. На Шара претежно се јавува планинската клима.
Шар Планина е единствен масив во Европа каде што може да се оди 95 километри, од Љуботен до последниот врв кој се вика Расангул, и во ниеден момент да не се спуштите под 2200 метри надморска височина. Највисок врв е Титов Врв (2748 m), а планината се одликува со голем број врвови кои се издигнуваат над 2000 м, како што се Мал Турчин (2702 м), Бакрдан (2700 м), Љуботен (2499 м), Ливадица (2491 м), Пирибег (2524 м), Езерца (2604 м), Чаушица (2640 м), Бистрица (2540 м), Црн Врв (2580 м), Вртоп (2555 м), Кобилица (2526 м), Големо Шилиџе (2502 м) и многу други.
Шара е богата со вода, а тоа го потврдуваат 27 планински езера, 100 поголеми извори, и над 25 поголеми планински реки. Најголемо езеро на Шар Планина е Боговинското езеро. Неговата длабочина изнесува 4-5 м.
Шарпланинскиот масив се карактеризира со богата флора и фауна и тука се застапени скоро сите вегетациски појаси што се среќаваат во Македонија. Од шумските богатства, на Шара се застапени неколку видови шуми кои растат до 1700 метри надморска висина, а над нив почнуваат пасиштата кои заземаат околу 550 километри квадратни и се застапени во јужниот дел на планината.
На Шар Планина се регистрирани 45 видови цицачи, од вкупно 78 во Македонија. 5 од нив се класифицирани како загрозени. Од најголемо значење е заштитата на балканската полјанка, кафеавата мечка, балканскиот рис и дивокозата. Балканскиот рис се смета за опасно загрозен и мал број единки успеале да опстанат само во јужните делови на Шар Планина.
Од поситна дивеч на Шара се среќаваат лисици, верверички, зајци, диви мачки и јазовци. Од птиците, можеме да ги споменеме орлите, соколите и јастребите. Во шумите живеат и славејот, ластовицата, гавранот, свраката и др. Зборувајќи за шарпланинскита фауна, неизбежно е да не се потенцира и шарпланинецот, кој е ендемски вид и гордост на Шар Планина и Македонија. Ова овчарско куче е чувар по инстинкт, а познавачите велат дека не му е потребна дресура бидејќи е многу интелегентно и никогаш не лае без причина.
Пратениците со мнозинство гласови го донесоа Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Со изгласувањето на овој закон, Македонија го доби четвртиот национален парк, по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето на земјава.