Интервју со Македонец кој живее и работи во Италија, за моменталната состојба со коронавирусот и животот на обичните луѓе

Ситуацијата во Италија не стивнува, а со тоа немирот останува кај нејзините жители. Македонија има голем број на иселеници во оваа држава и поради оваа околност успеавме да контактираме еден Македонец кој би сакал да сподели што се случува и да даде совети на македонскиот народ за пандемијата која го стави „светот во карантин“. Тој живее во Пјаченца, град во северна Италија, регион кој воедно е најпогоден од коронавирусот.

За општата ситуација Македонецот вели: „Ситуацијата моментално не е за потценување. До вчера бев на работа, а од денес сум дома. Се живо се затвара. По улиците се слушаат само сирени, амбулантни возила, возила на полицијата и возила на погребалните услуги фрчат на сите страни. На телевизија само се слуша колку заразени и колку мртви има секој ден. Докторите со крвави лица од заштитната опрема што ја носат по 24 часа со разни видео пораки нѐ молат да си помогнеме, да не излегуваме без потреба од дома. Зашто што болниците се преполни и самите не знаат на кого да помогнат.“

МОТИКА: Која е најголемата грешка која ја направија луѓето од Италија за да дојде до ваква ситуација?

„Прво уште на почетокот работата не беше сфатена сериозно. Што по наше кажано ‘ај бе ништо не е’. Како што гледам и во Македонија забрането, она…ова а парковите преполни.“

МОТИКА: Дали ви е забрането да излегувате од дома?

„Од дома се излегува само по потреба. И тоа по 1 од фамилијата. Односно до најблиската аптека или најблискиот маркет, ништо повеќе.“

МОТИКА: Дали полицијата презема нешто во врска со луѓето кои не ги почитуваат насоките?

„Полицијата контролира движење без потреба или подалеку од местото на живеење. 206 евра е казната.“

МОТИКА:  Дали има некој Македонец заболен или некој во ваша близина?

„Заболените и мртвите не ги објавуваат од каде се и која националност се. Што значи работата треба да ја сфатиме најсериозно пред да биде предоцна.“