Интервју со Анита Атанасова-Грчев: Како со мајчинската упорност обезбеди бесплатни курсеви за стотици талентирани деца од Македонија

Во денешното интервју, разговараме со основачката на Бистри Умови, организација посветена на поддршка и развој на талентирани ученици во Македонија. Нејзината инспирација за создавање на оваа иницијатива доаѓа од личното искуство како родител на дете со талент во информатиката. Организацијата се стреми да ја поттикне креативноста и иновациите кај младите, нудејќи бесплатни курсеви и менторство. Сепак, патот не е лесен.

Што ве инспирираше да ја започнете оваа организација?

Мојот син беше најголемата инспирација за да се основа Бистри Умови.Тој веќе неколку години е во тимовите кои ја претставуваат Македонија на мегународната сцена по Информатика, па како родител на талентирано дете, јас најдобро знам што и колку е потребно за едно дете кое има талент да може да чекори по патот на успехот. За жал ние живееме во таква средина, каде што сѐ уште нема препознавање на талентираните ученици, па родителите ако имаат услови ќе се снаоѓаат сами, ако не детето ќе остане само со прекарот „талентирано дете“.

Можете ли да ни кажете за мисијата и визијата на Бистри Умови?

Нашата мисија е да ја инспирираме, негуваме и јакнеме следната генерација иноватори, мислители и лидери во Македонија.  Со поттикнување на културата на љубопитност, креативност и соработка, имаме за цел да обезбедиме можности за образование, менторство и личен раст.  Ние се стремиме да ги поврземе бистрите умови со ресурси и платформи за да го отклучиме нивниот целосен потенцијал, поттикнувајќи позитивни промени за нивните заедници и светот.

Можете ли да опишете некои од клучните програми и активности што ги нудите?

Бесплатни курсеви по Математика и Информатика за ученици од цела Македонија е тоа што за мене е на прво место и со гордост сакам да споделам дека минатата година имавме над 400 ученици кои ги следеа курсевите, а оваа година планираме да почнеме повторно од средината на Ноември, но покрај тоа, за една година постоење реализиравме веќе два пати еднонеделни летни подготвителни бесплатни кампови за најдобрите информатичари, кои ја претставуваат Државата на меѓународните олимпијади во соработка со ЗИМ и два пати бевме дел од организацијата на Јуниорска Балканска Олимпијада по Информатика 2023 и Балканска Олимпијада по Информатика 2024.Исто така, минатата година помогнавме и со финансиски средства за патни трошоци за Меѓународните Олимпијади, а на најдобрите Јуниори им доделиме по еден лаптоп.

Кои се некои од најголемите предизвици со кои се соочувате во водењето на Бистри Умови?

Најголем предизвик е секако финансирањето за активностите на Бистри Умови, кое и не е толку лесно, но за среќа во Македонија постојат добри и совесни луге, кои кога станува збор за деца не можат да останат рамнодушни и помагаат.

Како ги надминувате овие предизвици, особено во однос на финансирањето и ресурсите?

Како ? 🙂 Ако се сака нешто и се постигнува. За мене лично зборот нема да може или нема да успее не постои, па ако треба со глава зид ќе бутнам, ама ќе успеам 🙂 Тешко е, понекогаш се собираат и денарче по денарче, ама на крај пак успеваме да ја собереме сумата која ни е потребна за да се реализира замислениот проект.

Како успеавте самостојно да обезбедите бесплатни курсеви за стотици деца, кога многу други би се откажале на првата пречка?

Пак ќе кажам, јас сум родител на дете кое било и сеуште е желно за учење и надоградување. Знам колку е тешко и што се е потребно за едно дете да оди напред.Она што е важно, како минатата година, исто така и оваа е да се обезбедат финансиски средства за да може да се платат добри предавачи,oдносно Наставници/ Професори кои ќе работат со учениците, а за откажување, нема откажување 🙂 На крај на денот кога сваќаш дека си усреќил стотици деца, си направил и сеуште правиш добро дело е тоа е тоа што на човек душата му ја топли и му дава сила за да се бори се повеќе и повеќе за да помага.

Често слушаме дека ваквите проекти се невозможни без државна поддршка. Како успеавте да го докажете спротивното?

Хммм… Досега и не видовме некои проекти кои се со државна подршка нели?! Сите се неми за талентираните ученици за жал. Секогаш било така и во минатото и сега. Да се надеваме дека во блиска иднина може ќе се смени нешто, но засега работам со собирање на донации од компании, па и од физички лица, кои имаат совест и помагаат. Малку по малку од секој и се успева, бидејќи финансиите се најголемиот проблем.

Како, според вас, државата може најдобро да ги поддржи талентираните ученици?

Државата треба да направи долгогодишна национална стратегија како да се препознаат, надоградат и едуцираат младите таленти од секое поле, како би им покажале дека се грижат за нив и нивната иднина. Со самото тоа морално ќе ги обврзат младите да останат во Македонија и ја направат подобро место за живеење.

Дали некогаш сте се почувствувале како Давид против Голијат во борбата за образовна промена во Македонија?

Да, секој ден има моменти кога ќе се почуствувам баш така, но на крај, како што е доловено и со Давид и Голијат, секогаш упорноста победува. И без разлика колку си мал кога правиш добри дела нема сомнеж дека успехот нема да биде видлив.

Како останувате мотивирани и инспирирани во вашата улога?

Кога доброто на  децата е крајна цел, недостаток на мотивација никогаш нема да има.

Како ја одржувате мотивацијата на децата во свет во кој доминираат дигиталните пороци и краткотрајните задоволства?

Како секаде, така и кај нас има деца кои сакаат да учат и се гладни за знаење и деца кои имаат други афинитети. Ние сме тука за тие што сакаат да учат и да се надоградуваат, а немаат услови.

Кој аспект од вашата работа ви дава најголема лична сатисфакција? Што ве прави горда?

Најмногу што ме прави горда е бројот на децата кои ги посетуваат нашите бесплатни курсеви и без сомнеж тие стануваат се  подобри со секој поминат час, а секако и пофалните зборови од родителите на истите тие деца кои секојдневно стасуваат на адреса на Бистри Умови.

Како успеавте да го балансирате личниот живот со оваа огромна одговорност кон стотици деца?

Јас искрено Бистри Умови не го доживувам како терет, туку го работам од задоволство за подобро утре за децата, кои се иднината на Нашата Држава.

Каков совет би им дале на младите ученици кои се стремат да се истакнат по математика, компјутерски науки или физика?

Ништо не е невозможно. Со секојдневна работа, желба и упорност се се успева.

Што е следното нешто што го замислувате за овие деца – нешто што дури и најхрабрите не би го пробале?

Целта е да ја подигнеме свеста на децата во Македонија дека без разлика од каде се и колку е мала и небитна земја нашата, тие може да се носат со останатите деца од светот.

Звучи како невозможна мисија, но како што реков ништо не е невозможно ако се сака.

Спомнавте дека од средината на месец Ноември започнувате повторно со бесплатни курсеви по математика и информатика, па кажете ни дали обезбедивте финансиски средства за реализирање на истите?

Сѐ уште работиме на тоа. Бараме спонзори и донации за бесплатните курсеви, но иако сеуште ја немаме потребната сума, ние мораме да почнеме, бидејќи децата чекаат и секојдневно прашуваат дали ќе има бесплатни курсеви и кога ќе почнат. Па наше е како знаеме и умееме да почнеме со реализирање на бесплатните курсеви.

Доколку некој сака да помогне како може да донира ? На кој начин може да се направи уплата за донација?

Сметката на која може да се уплати донација за Бистри Умови, односно за бесплатните курсеви е 270076853510197 во Халк Банка, но исто така на нашата веб страна во Донирај може да се најде и договор за донации https://brightmindsofmacedonia.com/dogovor-za-donacii/

Секој што сака да помогне може да ме контактира на 078416164 или на info@brightmindsofmacedonia.com, а ние ќе изготвиме регуларно како што си е ред барање за донација, договор за донација и откако ќе се уплати донација ќе изготвиме и потврда за примена донација.

Сите соберени средства служат за помош на талентирани деца, а не за профитирање.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *