Интервју со авантуристички пар од Аргентина, на кој Македонија му стана привремен дом

Дали некогаш сте размислувале да оставите сѐ зад себе и да заминете на авантура околу светот? За некои луѓе ова звучи невозможно, но Паула де Бонис и Аугусто Сејдем од Аргентина, познати како „Мутатис Проект“ го направија токму тоа. Тие веќе 4 години со автостоп го шетаат светот и имаат поминато над 46.000 км во 22 држави. Овие авантуристи нашле начин како да се забавуваат, заработуваат и уживаат во ваквиот начин на живот, а одреден период Македонија е нивното прибежиште.

Тие ја нудат својата работна сила и моментално работат во хостел во Скопје, во замена за финансиски надоместок, оброк или едноставно само престој. За дополнителни приходи Паула и Аугусто тетовираат, а интересен факт е дека сите тетоважи кои ги има Аугусто ги направила Паула и обратно.

Ние решивме да дознаеме повеќе за овој пар и за тоа како тие ја гледаат Македонија. Секогаш е интересно да се види сопствената татковина од „очите на странец“. Едно е сигурно Паула и Аугусто се воодушевени од нашето парче земја, а ќе ви кажат и зошто.

МОТИКА: Како започна вашата љубовна приказна?

Се запознавме во Аргентина пред 4 години додека патувавме. Се запознавме во хостел и веќе наредниот ден планинаревме и кампувавме заедно. Можеме да кажеме дека се запознавме на патот, во движење и од тој ден па наваму не престанавме да патуваме заедно.

МОТИКА: Што ја разбуди желбата во вас да сакате да патувате низ светот?

Паула: „Сакав да патувам низ светот уште кога бев дете. Не сум сигурна што ме натера да го посакувам тоа, но отсекогаш сакав да читам за различни култури и едноставно помислата за слобода и различните можности пред мене секогаш ме возбудуваше.“

МОТИКА: Дали имате омилена држава или омилено место кое би сакале повторно да го посетите?

Паула: „Немам омилено место, но би сакала да се вратам во секоја земја во Латиноамерика, за да видам уште повеќе за секоја култура, бидејќи земјите во континентот се огромни и полни со природа и историја, како историјата на Маите во Мексико или Мапуче во Аргентина и Чиле, на пример.“

МОТИКА: Кој е стилот на вашето тетовирање и како луѓето можат да ве најдат ако сакаат уникатна тетоважа?

Паула: „Јас го дефинирам мојот стил како илустративен и живописен. Сакам да се играм со боја и сенки, исто така уживам во тетовирање на ботанички дизајни, како што се шарени цвеќиња или растенија. Нашата работа и приказните за нашето патување ги објавуваме на Инстаграм: @mutatis.project. Може да нѐ најдете и на Фејсбук со исто име.

МОТИКА: Која е главната разлика помеѓу Македонија и Аргентина?

Паула: „Мислам дека наоѓам повеќе сличности отколку разлики помеѓу Аргентина и Македонија. Според мојата перцепција, двете култури имаат длабоко чувство на заедништво: собирање да готвиме и да јадеме заедно, да танцуваме и само да уживаме во животот. Една разлика може да биде географска, тука можете да патувате низ целата земја за неколку дена и сметам дека е убаво и лесно. Од друга страна, кога сакате да патувате во Аргентина за да видите поинаков пејзаж, или мора да одите со авион или само да седите од 8 до 24 часот во истиот автобус, што може да биде прилично досадно.

МОТИКА: Кажете ни за вашата следна дестинација и кои се вашите цели?

Нашата следна дестинација е Охрид, потоа ќе патуваме наоколу, само да кампуваме во мали градови и да запознаваме локални луѓе, што е она во што најмногу уживаме. После тоа, ќе се упатиме кон Грција, веројатно тогаш ќе одиме во Турција, Грузија, Русија и кавкаската област. Тогаш, кој знае… веројатно ќе останеме неколку години во Азија.

МОТИКА: Кое е најдоброто нешто што ви се случило во Македонија?

Аугусто: „Една од најубавите работи што ми се случија во Скопје, беше тоа што во пазар со овошје и зеленчук (Зелен Пазар), седев сам да испијам турско кафуле со ракија, а со мене седна човек од околу седумдесет и нешто, разговараме многу долго време зборувајќи, за животот, патувањата и на секакви теми, тој ми рече дека има подарок за мене и за мојата партнерка, тој ми рече да се вратам една недела и ќе ми го даде. И тоа е она што го направивме. Го видовме неколку дена подоцна и ни даде аналогна камера од Советскиот сојуз од 1968 година. Ни рече дека повеќе не може да патува низ светот, но дека можеме да направиме неговиот фотоапарат да го стори тоа. Мислам дека тоа беше најубавото нешто што ми се случило во животот, не само во Скопје.

МОТИКА: Каков совет би им дале на младите луѓе кои би сакале да се впуштат во авантура и да патуваат низ светот?

Паула: „Мојот совет до младите што сакаат да патуваат низ целиот свет е дека најдобриот начин за патување е начинот кој ве прави среќен и за да го најдеме тој начин мора да се запрашаме за што нè интересира во секоја култура. Чувствувам дека во денешно време е прилично лесно да се патува со апликации и врската што ја развивме преку социјалните медиуми, што е неверојатно, но може да го направи контактот со културата малку безличен и далечен.

Мојот омилен начин на патување е автостоп и волонтирање со различни субјекти (ние дури помогнавме да исчистиме училишта, работевме во културни центри, цркви и едноставно на фарма со локални луѓе) И тоа ме натера да се најдам тотално потопена во различни реалности: пирамиди во мексиканската џунгла, или работа на едрилица да го премине Карипското море за да завршиме на рајски остров. Тогаш, за мене само да останам во хостели, на пример, би било прилично досадно. Се чувствувам жива кога не знам како ќе заврши денот и плус, ние не го разбираме јазикот, што е уште еден интересен фактор. Мој совет е да пронајдете свој начин на патување, што и да ве прави среќни, ќе биде во ред и запомнете дека не постои само еден начин на живеење, што и да ја прави вашата душа да биде исполнета, тој е патот по кој треба да тргнете во вашиот живот.