Интервју со Трендо, креативниот уметник за тетоважи од Куманово, кој живописно ги бои ѕидовите низ сите градови во Македонија
На светот секогаш му е потребна малку боја, а за среќа постојат такви уметници кои се подготвени да ја внесат оваа светлина во секојдневниот урбан живот. Без разлика дали се работи за боја на телото или пак боја на досадните сиви згради и објекти, Младен Трендевски, попознат во Куманово и пошироко како Трендо е вистинскиот човек за оваа работа.
Трендо е слободен уметник кој почетоците ги брои уште од само 15-годишна возраст. Урбаната уметност за него е нешто многу поголемо, а главната цел му е: „Графити Фест Куманово да е пропознатлив на Балканот, а Куманово да стане едно место каде што сивилото нема да доминира.“ Па ајде да дознаеме нешто повеќе за тетоважите, муралите и графитите и за човекот кој стои зад нив.
Кога станува збор за уметност не правиш компромиси, како течеше твојот развој во светот на уметноста од самите почетоци?
Почетоците се најубави и најинтересни, исполнети со многу адреналин и ентузијазам. Се почна од лист хартијаи молив, потоа тоа беше пренесено на ѕид во 2008 тоа беа букви со помош на спреј, кој денеска сѐ уште е дел од мене. Денеска мајота рака може со помош и на машинка за тетовирање да остави нешто на тело на секој човек. Од година во година апетитите ми растат, секогаш гледам што можам повеќе да цртам со различни техники, а стилот да го задржам, тоа ми е најважно . Во светот на графити израснав и уште сум на тој пат, само се надоградувам со тетоважи. Создавам некој целина која сакам да е препознатлива од мене.
Зошто го одбра називот „Жута куќа“ и што може да понуди таа на своите клиенти?
Пред три години создадов едно место каде што си реков дека сакам на едно место да се види тоа што го работам со години, сакав графитите и тетоважите да ги поврзам. Тоа место е препознатливо како „Жута Куќа“. Називот дојде од еден мој другар онака додека ја средувавме, ми беше звучно и препознатливо, сакав да дадам акцент на кумановскиот.
Денес Жута Куќа е дел од многу луѓе, таа стои зад многу проекти, еден од нив е и Графити Фест, Куманово, а ние ќе продолжиме по тој пат и ќе поддржиме се што ја подига културата во Македонија. Дел од Жута Куќа се и Дејвид (Молерај) и Здравко кои исто така се дел од графити и светот на тетовирање. Куманово има многу квалитет и затоа сакам сите да се тим и да работиме овој град да биде на тоа место каде што заслужува.
На светот дефинитивно му е потребна повеќе „боја“, но дали сметаш дека уметниците имаат доволно поддршка и што би можело да се направи за ваквите подвизи да станат почести?
Ние имаме поддршка, за тоа не можам да кажам дека немаме, главниот проблем е што кога и да создаваме нешто секогаш дали од локална и централна власт сакаат да дадат поддршка, а процентот и финансиите да се на нивна страна. Главниот проблем е тоа. Ние знаме дека со многу малку може да направиме многу големо дело и било кој град во Македонија може да биде галерија под отворено небо. Со години го знавме проблемот секогаш баравме решение, единствено ни остана да го формираме нашето здружение за ликовна уметност „Форма Куманово“. Денеска се оди полесно можема сами преко одредени фондации да ги финансираме нашите прокти, како што кажав еден од тие е Графити Фест Куманово, многуте мурали на кои работиме и што ќе работиме во иднина.
Тоа можам да откријам кога сме веќе на таа тема, Куманово ќе има нови настани и много поголеми површини кои ќе се исцртаат во наредн период.
Кој е твојот стил на тетовирање, дали имаш омилена тетоважа, со која посебно се гордееш?
Стилот кој го сакав како во графити таков стил сакам да го наметнам и во тетовирање. Тешко е тоа, но секогаш треба да се работи на тоа и да се препознае оргиналноста. Самите ќе сфатите зошто секогаш зборувам за тоа дека графити и тетоважите сакам да ги вклопам во едно. Моите графити секогаш беа препознатливи по прецизноста, едноставноста и чистите линии.
Тоа е стилот кој сакам да го негувам во тетовирање, најмногу сакам да работам на кирилични букви од нашето писмо, нормално во мојот стил, да создавам мои дизајни кои ги пренесувам од лист хартија на човечко тело. Повеќе преферирам тетоважите да се црно бели. Една од таквите тетоважи кои посебно ми се драги е таа што ја носам на своето тело која си ја изработив сам.
Кои се најчестите прашања кои ти ги поставуваат клиентите за тетовирање, а кои се твоите најчести одговори?
Начестите прашања од моите клиенти е колку време ќе ми треба некој дизајн да исцртам, сите ме знаат дека сакам да работам на дизајнот прво на хартија по потоа да го пренесам на кожа. Е тоа ме радува.
Графити фест во Куманово е на повидок, раскажи ни што можеме да очекуваме да се случува таму?
Графити фест Куманово оваа година е подржан од Министерство за Култура на Македонија, од многу фирми од Куманово, Скопје, Битола итн. Влеговме со многу ентузијазам, а очекувавме помалку од тоа, но мислам дека оваа година ќе ни е врвот. На втора години од фестивалот имавме цртачи од Србија и Бугарија, за тоа оваа година се решивме да повикаме од други две држави од Словенија и Турција.
За петта година од фестивалт наредна година може да се очекуваат цртачи од сите балкански држави. Секогаш и секоја година како што кажав тимот на Графити Фест Куманово не става акцент само на цртање тука влагаме и со средување на свој простор, мислам еколошки, оваа година сакаме и со хуманост да помогнеме на едно девојче од
Куманово.
На настанот цртачиве ќе бидат подржани од диџеи од Куманово. Така да нема многу да откривам за фестивалот, сакам да дојдете да нѐ поситете и да создадеме еден убав простор за млади. Се гледаме на 28.05 во населба Гоце Делчев со почеток во 10:00 ч.
Што можеме да очекуваме следно од тебе во блиска иднина?
Од мене во наредден период може да се очекува некоја изложба во Куманово, на тоа работам и ќе видиме кога ќе се случи. Сѐ друго што го планирам во врска со тетовирање и цртање на графити ќе го оставам тоа самите да видите и осознаете.
Кога би имал шанса да направиш мурал, во било кој град, во било кој дел од светот, каде би било тоа?
Од секогаш сакав да исцртам голем ѕид во мојот град, сам да се претставам на тој ѕид и да ги надминам моите очекувања. Таа желба сѐ уште не ми е згасната, тоа го планирам во наредниот период и мислам дека ќе ја остварам.
Секогаш сакам тука нешто да создадеме убаво за нас, не сакам да одам тоа да го направам во некои поголеми градови во свет. Мислам дека треба да се стремиме на тоа тука да создаваме и да твориме нешто по што и ние ќе бидеме препознатливи во Европа па и во светот.