Ирак ја намалува законската возраст за брак. Ќе можат да склучат брак и девојчиња од 9 ГОДИНИ?
Парламентот во Ирак денес усвои неколку закони кои, според критичарите, би можеле да доведат до легализација на детски бракови за девојчиња на возраст од само девет години.
Измените на Законот за личен статус ќе им дадат на исламските судови поголеми овластувања во семејните прашања, како што се бракот, разводот и наследството – што претставува значителна промена во однос на унифицираниот семеен закон и заштитата на жените, воспоставени во 1959 година.
Според сегашниот закон, минималната возраст за брак е 18 години во повеќето случаи, но новите измени ќе им овозможат на верските службеници да одлучуваат според нивната интерпретација на исламскиот закон.
Некои интерпретации на џафаријанската школа на исламскиот закон, која ја следат многу шиитски верски авторитети во Ирак, дозволуваат склучување брак за девојчиња во нивните рани тинејџерски години – па дури и од деветгодишна возраст.
Поддржувачите на овие измени, главно конзервативни шиитски пратеници, тврдат дека тие ќе го усогласат законот со исламските принципи и ќе го намалат западното влијание врз ирачката култура.
Но, Интисар ал-Мајали, активистка за човекови права и членка на Ирачката лига за жени, предупредува дека овие измени ќе имаат катастрофални последици врз правата на жените и девојчињата.
“Ова го загрозува нивното право на детство и ќе ги ослаби механизмите за заштита при развод, старателство и наследство,” изјави таа.
Парламентарната седница на која беа усвоени измените заврши во хаос, проследен со обвинувања за процедурални прекршувања.
„Половина од присутните пратеници не гласаа, што го наруши законскиот кворум,” изјави парламентарен службеник кој побара да остане анонимен.
Некои членови протестираа гласно, додека други се качија на говорницата во парламентот.
По седницата, неколку пратеници го оспорија процесот на гласање, бидејќи сите три контроверзни закони – секој поддржан од различни политички блокови – беа изгласани заедно.
„Во однос на законот за личен статус, ние го поддржуваме, но тој беше комбиниран со други закони, што може да доведе до правна жалба,” изјави независниот пратеник Раид ал-Малики.
Претседателот на парламентот, Махмуд ал-Машхадани, ја пофали одлуката како „важен чекор кон подобрување на правдата и регулирање на секојдневниот живот на граѓаните“.
Предложените измени беа првпат објавени во август, што предизвика масовни протести во Багдад.
Со оглед на тоа што многу бракови во Ирак се неформални и нерегистрирани, измените ќе им овозможат на сунитските и шиитските верски лидери да ги регистрираат овие бракови.
Законот претходно бараше „здрав разум и наполнети 18 години“ со одредби за жените кои бегаат од злоупотреба да имаат можност да го поништат бракот.
Петнаесетгодишните девојчиња можеа да поднесат барање за брак, кое судиите можеа да го одобрат доколку го сметаат за неопходно и со согласност од нивниот законски старател.
Според новите закони, муслиманските брачни парови ќе можат да изберат дали нивниот брак ќе биде регулиран според сунитски или шиитски принципи, наместо граѓанските судови.
„Доколку настане спор меѓу сопружниците околу доктрината според која е склучен бракот, договорот ќе се смета за склучен според доктрината на сопругот, освен ако не постојат докази за спротивното,” стои во нацртот.
Верските службеници ќе можат да ги регистрираат браковите, што може да доведе до легализација на многу нерегистрирани бракови, од кои повеќе од петтина вклучуваат девојчиња под 14 години.
Иако тековните измени не се однесуваат директно на детските бракови, претходните предлози беа остро критикувани од активистите за права на жените.
Јанар Мохамед, претседателка на Организацијата за слобода на жените во Ирак (OWFI), изјави дека измените се користат како средство за одвлекување на вниманието од корупцијата и политичките неуспеси.
Таа додаде дека предложениот закон ќе наметне архаични исламски правила кои ги гледаат жените како објекти за задоволство и раѓање, наместо како луѓе со човекови права.
Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!
Коментирај анонимно