Историја која тоне во заборав: Куќата на првата „Македонска крвава свадба“ се распаѓа пред очите на Битолчани
Во Македонија има голем број на култни места, кои полека тонат во заборав, оставени на милост и немилост на времето и ризикот засекогаш да исчезнат од „хоризонтот“. За жал токму таква е и приказната за „Гранд Хотел Америка“, кој зад себе крие историја која не им е позната на голем број на луѓе.
Како што е познат кај најголем број на Битолчани, „Гранд Хотел Америка“, е лоциран во близина на Сали Мостот. Тој бил изграден на почетокот на 20-тиот век и го користела егзархијата како Конституционален клуб и театар. Пред да стане хотел на оваа место се случила една историска случка.
За прв пат во Битола биле одиграни претставите на Војдан Чернодрински- „Семејството на престапникот“ и „Македонска крвава свадба“- „Жетва“ на 28 септември 1909 година. Секако иако претставата се одиграла, „Македонска крвава свадба“ завршила неславно.
На претставата присуствувале конзули и Турци кои ја напуштиле салата кога сфатиле што се случува во претставата. Претставата станала „опасна“ и немало реприза а Марија и Војдан Чернодрински, заедно со Охриѓанецот Пантелеј Куртелов, биле протерани од Битола, според зборовите на Марија Чернодрински.
По оваа случка салонот станал кино, а хотелот бил купен од повратник од Америка, Темелко Трајков од Цапари и тогаш го добил името „Гранд Хотел Америка“. Секако и оваа историја што следи не е за потценување. Се вели дека филмови се пуштале уште пред Милтон Манаки да започне со кинопроекции.
Во 1921 година киното било закупено од Прилепчанец, но набрзо било напуштено. Тука почнува тажната приказна за ова култно место. Зданието не се одржува и полека се распаѓа. Реставрацијата очигледно со години не се разгледува, а нешто што некогаш било духот на градот, се претвора во прав. Дали и во вашиот град има вакви места, кои тонат во заборав?
Извор: Бамбам Битола