Изградбата чинеше животи: На денешен ден официјално започна приказната за најголемата хидроелектрана во Македонија

Хидроенергетскиот систем Маврово се состои од ХЕЦ Вруток, Равен и ХЕЦ Врбен. Ова е еден од најголемите и најсложените хидроенергетски системи во македонскиот електроенергетски систем. Системот има вкупна акумулација од 275.000.000 м3 вода и можност за годишно производство од 430 GWh електрична енергија.

На 27 мај 1957 година е пуштен во погон првиот агрегат на ХЕЦ „Вруток“, следната година следеше и вториот, а една година подоцна пуштени се во погон и ХЕ Равен (19,2 MW) и ХЕ Врбен (12,8 MW), со што се оформи првата фаза од изградбата на Мавровскиот хидроенергетски систем.

Изградбата траела цели 13 години. Според некои податоци, во изградбата на системот, преку доброволни работни акции и работно ангажирање, учествувале околу 50.000 луѓе. Во 1952 година почнало да се полни најголемото вештачко езеро во Македонија, Мавровското. Сепак овој толку голем и значаен проект за Македонија има и своја „темна страна“.

Трагедијата која вечно ќе го „опседнува“ системот

Поминаа 65 години од еден немил настан, за кој сега сведочи „Споменикот на градителите“ пред браната на Мавровско Езеро.

Ноќта на 11 февруари во 1956 година по долината на реката Радика во селата Стрезимир, Штировица и месноста Торбешки Мост, неколку снежни лавини се урнале врз куќи и бараки на градежници при што над 100 луѓе останале затрупани под снегот. Голем број работници на мавровскиот хидроенергетски систем, граничари и жители не го дочекаа утрото.

Спасувачките екипи успеале да извлечат само половина од нив, а 52 лица го загубиле животот. Споменикот во нивна чест е подигнат во 1970-та година и ја симболизира нивната храброст и пожртвуваност. Во Маврово традиционално се одржува и меѓународниот натпревар во нордиско скијање „Мавровски меморијал“.