Јапонците ги мамат богаташите со летечки мотоцикл: Може да остане во воздух и до 40 минути, но има еден „мал“ проблем

Стартап компанија од Токио A.L.I. го лансираше летечкиот мотоцикл XTurismo Limited Edition, кој покрај конвенционалниот мотор има и четири електромотори со пропелери кои можат да останат во воздух 40 минути и да летаат со максимална брзина од 100 километри на час.

„Досега изборот беше да се движите на земја или во воздух. Се надеваме дека ќе понудиме поинаков метод на движење.“, изјави Даисуке Катано, извршен директор на A.L.I.

Нивниот XTurismo всушност има тело налик на мотоцикл, поставено на рамка со пропелери. Кога е во мирување, машината стои на санка за слетување.

Но, споменатата компанија не сака да привлекува богати клиенти само со зборови, па организираше и демонстрација на XTurismo во функција, односно лет на тркачката патека кај планината Фуџи.

Катано призна дека на краток рок, новите корисници ќе бидат ограничени на користење на XTurismo исклучиво на пистите, но дека хибридниот авион може да се користи и за спасувачки цели на непристапен терен.

Цената на XTurismo е 680.000 долари.

Она што може да се забележи и од демонстрацијата на можностите на XTurism е дека се работи за исклучително бучна машина. Погледнете го видеото и проценете сами.