„Јазикот е нашата единствeнa неподелена татковина“: Зборови кои не треба да се заборават на денот на македонскиот јазик
На 16 април 2019 година денот 5 мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. Тој е прогласен во чест на 5 мај 1945 година кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Официјалното усвојување на македонскиот правопис се случи еден месец подоцна, односно на 7 јуни 1945.
Донесувањето на азбуката и правописот претставува значаен придонес во чинот на кодификацијата на македонскиот литературен (стандарден) јазик. Јазикот постојано треба да се негува, затоа што тој „живее“ благодарение на секој од нас. Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик повеќе пати има ја има посочено одбраната од нападите врз македонскиот јазик, но исто така и моќните зборови на Петре М. Андреевски, еден од најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи како и Крсте Петков Мисирков еден од првите борци за македонскиот литературен јазик и правопис.
„Не е прв атак врз нашиот јазик со цел меѓу неупатените во светот да се рашири заблудата дека тој е измислен, така да се рече, прекуноќ, како да не се работи за процес со длабоки корени во минатото и за една долга јазикотворечка традиција.“, вели Конески.
„Ние, се разбира, секогаш треба да реагираме на ширењето на такви невистини и да го запознаваме светот со историските реалности. Меѓутоа, најефикасна реакција ќе биде нашето почитување на сопствената традиција и сопствените постигања на јазичкото поле. Ние не располагаме со комоција, за да си допуштаме во тој однос лекомислености. Јас ја имав на ум токму оваа поука кога во една прилика реков дека јазикот е нашата единствeнa неподелена татковина.“, додава тој.
Академик Kонески е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, филолог и лингвист, литературен историчар, преведувач и професор, вонсериски лингвист, меѓународно реномиран славист, автор на фундаментални дела од областа на македонскиот јазик и македонската литература, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, кој денес го носи неговото име, декан, ректор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ и многу други титули и признанија кои целосно ги има заслужено.
„Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред таквите „правни“ диверзии, од каде и да идат! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е, заправо, единствената наша комплетна татковина.“, уште едни важни зборови од Конески, кои објаснуваат колку била тешка борбата.
„Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината. Првите гласови што ги имаме чуено се гласовите на нашите татковци и мајки, гласовите и зборовите на нивниот народен јазик. Преку нив ние ја добивме нашата прва духовна храна, зашто со нив се осмислуваше сe што гледавме со нашите очи. Со народниот јазик ние ја освојуваме психологијата на нашите татковци и предедовци и стануваме нивни духовни наследници, како што сме со снагата нивни телесни продолжувачи. Ако се однесуваме со презир кон народниот наш јазик, ние само им враќаме со неблагодарност на нашите родители за сето нивно духовно гледање и воспитание.“, пишува Крсте Петков Мисирков во „За македонцките работи“.
Овој ден нека биде потсетник за борбите кои сме ги воделе, за борбите кои ги водиме и оние кои што допрва ќе следат со цел да го одбраниме нашиот, еден и единствен, јазик.