„Јогата треба да се доживее!“: Запознајте ја Ивана Стаменковска, девојка која ќе ви докаже дека здравиот и урбаниот начин на живот одат заедно

Секој од нас во одреден момент од животот го интригирала јогата, некои имаат одлучено да започнат да ја практикуваат, а пак на некои и до ден денес им звучи само како интересна идеја. Ивана Стаменковска е вистински професионалец кога станува збор за јогата, но и за ветеринарството. Одлучивме да ѝ поставиме неколку прашања на Ивана за подобро да се запознаеме со светот на јогата, но и како таа самата ја вклопува во нејзиниот живот, препратен и со други обврски.

Ивана дефинитивно не е девојка која лесно се откажува, така што веруваме дека по ова интервју и вие ќе добиете повеќе мотивација за да започнете нешто ново. Ајде да се запознаеме со Ивана!

Како би им ја опишала јогата на почетниците кои за првпат се среќаваат со неа?

Не би се трудела многу околу тоа да им опишувам. Јогата треба да се доживее. Таа се живее, не само што се вежба. Би им дала совет да си дадат шанса и да пробаат барем еден час. До сега не познавам човек на кого не му се допаднала.

Како започна твоето патешествие со јогата?

Отсекогаш сум била  човек кој е активен и обожава да вежба и да пробува нови работи и спортови. Во почетокот се водев по една програма која вклучуваше ден во кој се вежба јога. Се фатив себеси како постојано чекам да дојде тој ден,а потоа сѐ што правев беше истражување и учење. Пред шест години јогата кај нас беше табу тема и луѓето ја доживуваа како еден вид на „секта“. Тоа не ме одвраќаше воопшто. Се сертифицирав со интернационално признаен сертификат, а потоа веднаш почнав со часови. Сега се радувам што се почесто луѓето посетуваат јога часови и се свесни за бенефитот кој го добиваат.

Имаш паралелно уште една професија, каков е предизвикот да се маневрира помеѓу две улоги?

Двете улоги ме прават тоа што искрено сум. И ветеринар и јога инструктор. Луѓето обично ме препознаваат  по оваа вторава поради бројот на следачи и контентот кој го постирам на моите социјални мрежи. Во двете давам сѐ од себе и вложувам многу па затоа навистина не сакам кога луѓето ќе ја наречат јогата- хоби. Сѐ што предавам на моите часови е труд и напорна работа од научен аспект.

Како тече еден твој работен ден?

Утрата ми започнуваат со шолја дупло еспресо. Огромна љубителка сум на кафе па не би го менувала за ништо на овој свет, хаха. Во утринските часови или држам јога часови или вежбам сама. Од тука официјално ми започнува денот и веднаш штом ќе влезам во Ветеринарната болница сум во еден интересен хаос  соочувајќи се со најразлични случаи и пациенти.

Но не се жалам, нема ништо поубаво од тоа пациентите да ти се животни. Во вечерните часови секогаш имам часови. Чувството е незаменливо кога ќе влезам во студио. Тука веќе имам студенти кои многу ги сакам и сум бескрајно благодарна за нив. Ми пружаат безрезервна доверба, а знам колку многу е тешко да му довериш дел од себе на некој друг. Заспивам уморна со една мисла, а тоа е дека не би менувала ништо во денот.

Како функционираат часовите по јога? Дали секој може да биде дел од нив и како можат да те контактираат?

Држам часови и во сала и онлајн. Поминувајќи низ една пандемија и гледајќи ја од позитивна страна, сфатив дека таа ни отвори и други врати кои не сме ни мислеле дека постојат. Со онлајн часовите започнав на почетокот од пандемијата и мора да кажам дека квалитетот на часовите е ист како и во сала. На крајот од денот сѐ е до тоа колку ти ќе вложиш во себе без разлика каде си.

Можат да ме најдат на мојот инстаграм (istamenkovska) и слободно да ми пишат. Исто така имам и вежби кои ги постирам па можеби ќе им годат знајеќи каков е овој брз ритам на живот.

Кој е најголемиот предизвик кој го имаш направено во животот?

Предизвиците си ги поставувам сама. Постојано пробувам да излезам од својата комфорна зона. Можеби ќе звучи чудно, но сакам кога се препотувам трудејќи се да се надградам и подобрам. Крајните резултати никогаш не ме разочарале.

Какви се твоите планови и предизвици за во иднина?

Имам милион работи на ум. Го сакам животот и сѐ што тој нуди. Секако би сакала да се надградувам во она што го правам и можеби да заминам некаде на кратко, но ќе видиме. Можеби и ќе ми се сменат размислувањата па ќе посегнам по нешто ново. Кој знае! Ќе направиме ново интервју тогаш, хаха!

Многу луѓе се обесхрабруваат да вежбаат јога затоа што веруваат дека телото не им е способно или ,,доволно еластично”. Што би ѝ препорачала ти на оваа категорија на луѓе?

Не знам зошто се обесхрабруваат. Не се раѓаме  еластични или силни иако некои имаат предиспозиции. Сѐ е процес и сѐ е дисциплина. Ако некој ви каже нешто поинакво баталете го, хаха. Често на часови знам да кажам дека мотивацијата не трае долго, но не трае ни капењето ама сепак се тушираме на крајот од денот.

За крај едно тешко прашање, кога би „морала“ да бираш што би избрала, јога или ветеринарство?

Прашањето не е тешко. Не разбирам луѓе кои се ограничуваат. Би се откажала од едното од овие две само ако ме привлекува нешто трето кое ќе ми ги буди истите чувства.