Каде се движи човештвото денес? – есеј на една средношколка од гимназијата во Кочани

Интересно е да се види како размислува еден интелигентен млад човек во денешно време.

Каде се движи човештвото денес?

Дваесет и три часот, недела навечер. Дремам во мојот истуткан кревет. Со големо внимание анализирам фотографии. Мајка ми, дете, извалкана до гуша, се смее и чиниш ќе ти подаде рака и ќе те понесе низ детската игра. Еееј, какви убавини! Да бев јас ова дете… веднаш гледам слика пред мене. Мајка ми накострешена вика: „Убаво, ти само продолжи, а мајка ти ќе робува за вашите задоволства.“ Уф, камо да го запознаев човештвото години наназад… Некако сите се среќни и безгрижни. Не дека немаме грижи, но човечките вредности ги ставаме во преден план и се посветуваме на дружбата, смеата, а не на парите како денес.

Уживам да ги слушам приказните како бабите грижливо ги лекуваат своите внуци со свинска маст, ракија, па дури и ложење праз во пепел за смирување на кашлица. А денес мозокот некако им го пијат социјалните мрежи. А вирусот ептен ја дотепа работата. Нема поздравување, нема гушкање, нема групирање, без дружба, уште по кафези да нè стават.

И каде се движи човештвото? Искрено, во пропаст! Лудување на луѓето по материјалното, а не по духовното! Убивање на љубовта, а воздигнување на демоните! Е драги мои, само нашите чудесни умови нè доведоа до оваа точка на вриење. Затоа, соземете се, фатете се за рака и уништете го заеднички црвот кој го јаде човештвото. Поттикнувам иницијатива! До следно видување.

Јована Стефанова
СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани