Како изгледа лицето на една мравка одблизу? Па благо речено, како најстрашниот кошмар
Никогаш не сме виделе мравка на овој начин: литванскиот фотограф Еугенијус Кавалиаускас направил ултра-блиска фотографија на лице на мравка, што изгледа како сцена од некоја фантастична приказна, слична на „Господарот на прстените“.
Фотографијата е наградена со признанието „Image of Distinction“ на натпреварот за фотомикрографија „Small World“, организиран од Nikon во 2022 година, и лесно е да се види зошто.
Фотографијата го прикажува лицето, мандибулите и антените на Кампонотус – обична мравка што живее во дрва, претежно во шумски средини, и се храни со делови од мртви инсекти, нектар и медената роса што ја испуштаат лисните вошки.
Фотографијата е мајсторски исечена. Според Вашингтон Пост, деловите на лицето кои изгледаат како светлоцрвени очи всушност се основата на антените, додека деловите кои личат на жолти заби се мали ‘влакненца’ што им помагаат на мравките да го чувствуваат околниот свет.
Фотографијата е направена преку микроскоп со 5x зголемување и со специјална техника на одразено светло која ги истакнува најситните детали на мравката.
Кавалиаускас, кој претходно фотографирал птици грабливки, сега е насочен кон инсекти. На неговата Инстаграм страница можат да се видат многу други фасцинантни примери на неговиот талент.
„Секогаш барам детали, сенки и скриени агли. Главната цел на фотографијата е да се биде откривач. Фасциниран сум од Божјите ремек-дела и од можноста да ги видам овие креации“, изјави Кавалиаускас.
Во конкуренцијата, уште 56 фотографии добија признанија како „Images of Distinction“, вклучувајќи макро слики од ембриони на глувци, крилја на пеперутки, коски на диносауруси и многу други.
Главната награда на натпреварот ја освои фотографија на ембрионална рака од Мадагаскарскиот џиновски гекон (Phelsuma grandis), направена од Григории Тимин и Мишел Милинкович од Универзитетот во Женева, Швајцарија.
„Секоја година „Nikon Small World“ прима низа микроскопски слики кои покажуваат извонредна научна техника и уметнички пристап,“ вели Ерик Флем, менаџер за комуникации во „Nikon Instruments“.
Коментирај анонимно