Како најновиот изум на „Apple“ им помага на арамиите да крадат луксузни автомобили?
Полицијата во Канада издаде предупредување откако стана очигледно дека крадците користат „Apple AirTag“ за да крадат луксузни автомобили.
„Apple“ го објави својот уред „AirTag“ во април 2021 година, опишувајќи го онлајн како „лесен начин за следење на вашите работи“.
Користејќи Bluetooth сигнали, „AirTags“ се поврзуваат со мрежата „Find My“ на „Apple“ за да им овозможат на корисниците да ги следат личните работи како што се клучевите, чантите и другите предмети што лесно забораваме каде сме ги оставиле.
Цената на уредот е околу 35 долари и ги охрабрува клиентите „да ја изгубат својата вештина за губење работи“, но оваа недела регионалната полиција на Јорк во Канада откри дека уредите се користат за повеќе од изгубени клучеви.
Се вели дека полицајците истражиле пет инциденти поврзани со „AirTags“ од септември, при што осомничените ги ставиле уредите „надвор од видното поле“ на луксузни возила додека биле паркирани на јавни места. Користејќи го системот за следење, крадците потоа можеле да ги следат возилата до домовите на нивните сопственици каде што провалувале и ги краделе автомобилите.
Во соопштението објавено од полицијата се објаснува:
„Крадците вообичаено користат алатки како шрафцигери за да влезат во возилата преку возачката или совозачката врата, притоа осигурувајќи се да не се вклучи алармот. Откако ќе влезат внатре, електронски уред, кој обично го користат механичарите за репрограмирање на фабричките поставки, се поврзува со дијагностичкиот приклучок под контролната табла и го програмира возилото да го прифати клучот што крадците го донеле со себе“.
Два месеци по неговото првично објавување, „Apple“ објави ажурирања за приватност на „AirTags“ за да ги зголеми нивоата на приватност и безбедност за корисниците.
Регионалната полиција на Јорк ги советуваше сопствениците на возила „редовно да го прегледуваат возило и да повикаат полиција доколку забележат какви било сомнителни уреди за следење“ во обид да спречат слични кражби во иднина.