Како жител на Јордан со финта успеал да добие македонско државјанство и биометриски пасош?
Државјанин на Јордан, Н.А. (28), во текот на јуни 2019 година успеал да се стекне со извод од матична книга на родените, матичен број, македонско државјанство и биометриска патна исправа. Тој во Управата за водење на матични книги поднел лажни податоци дека е син на македонска државјанка.
По приемот на барањето во Управата, служебното лице Е.Ј(50) не ги извршила вообичаените проверки, проверка на поднесените податоци и дополнителни проверки, туку само поднела барање до МВР за државјанскиот статус на мајката. Добила повратен одговор дека мајката е државјанин, по што проследила барање до Одделението за управни работи Скопје за определување матичен број. За на крајот службеното лице И.Ј.(39) преку својата шифра да го заведе Н.А. во матичната книга на родени и со тоа да му овозможи издавање на лични документи.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Единица за финансиски криминал поднесе кривична пријава против Н.А. од Јордан, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „поднесување лажни докази“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“ и против службениците – матичари Е.Ј. и И.Ј., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.