Како животот на еден ѓубреџија целосно се промени откако неговиот пријател реши да го фотографира

Интернетот може да биде страшно место. Но, исто така може да биде место каде што се случуваат чуда. Неодамна еден ѓубреџија, од Русија, по име Јуриј Ветлугин го исплати својот долг, благодарение на социјалните мрежи.

Модниот фотограф Роман Филипов му подари фотосесија на Јуриј, кој е негов пријател од детството и ги сподели резултатите на Интернет, каде фотографиите станаа вирални раскажувајќи ја турбулентната животна приказна на Ветлугин. Сепак приказната толку ги погодила луѓето што тие сметале дека не е доволно само да се лајкне.

Роман го запознал Јуриј во камп за деца со попреченост во кој работела неговата мајка. Јуриј бил оставен како бебе во дом за деца без родители, пораснал таму и бил дијагностициран со пореметување во однесувањето. Роман вели дека Јуриј е поразличен од останатите луѓе, но дека е добар и вреден човек.

Бабата и дедото на Роман се грижеле за Јуриј и му помагале да има кров над главата и храна. Но, пред неколку години луѓе за кои Јуриј мислел дека му се пријатели го измамиле да земе кредит од 9.000 евра и си купиле куќа, а Јуриј останал без пензија и плата, за тоа што не можел да го врати кредитот.

Потоа неговите „пријатели“ го однеле Јуриј во куќа во едно далечно село и го третирале како роб. Тој работел секаква физичка работа, а пари добивал едвај и за храна. Во овој период на тортура изгубил 15 килограми. Тие постојано го тепале, а откако го нападнале и со секира Јуриј избегал од таму.

Успеал да се врати кај семејството на Роман и тогаш на фотографот му дошла на ум идеја за фотосесија и собирање на парични средства за да може да го исплати долгот. Долгот е исплатен, Јуриј повеќе не е во опасност и неговите фотографии станаа многу популарни, што дури и градоначалникот на градот Уфа сака да се сретне со него за да добие правда.