Казанџијата Коста ги запознава туристите во Охрид со традицијата на правење домашна ракија

Нема ништо подобро од домашна ракија. Ова ќе ви го каже секој „искусен боем“. Во нашата држава правењето домашна ракија не е нешто необично, но за тоа како ќе се прави и нејзиниот квалитет е „уметност“ која не ја познава секој човек. Не мора да сте турист за да сакате да пробате добра домашна ракија, но доколку сте во Охрид, овој човек и неговото семејство се вистински експерти.

Коста Богданоски уште од мали нозе знаел дека правењето ракија ќе биде дел од неговата работа, затоа што пред него, неговиот дедо, а потоа и татко печеле ракија во дворот на нивниот дом. Скоро 60 години ова семејство има традиција за правење за најпопуларниот алкохолен пијалак на овие простори.

Коста раскажува и приказна затоа како во времето кога казаните биле ѕидани, дедо му одел со коњ по име Зоран ја земал комината за да вари ракија. Секако подоцна неговиот татко го осовременил целиот простор и имале 160 литарски казани кои доколку не се земе во предвид винарската визба биле најголеми во Охрид и околината.

Се надеваме дека наскоро кога туристите ќе можат во поголем број да го посетуваат Охрид, Коста ќе ги запознае со оваа наша традиција, пренесувана од генерација на генерација.