Кажете збогум на пломбите? Научници успешно одгледаа човечки заби во лабораторија
Научниците од „Кралскиот колеџ“ во Лондон (King’s College London) направија историски пробив во стоматологијата – успешно одгледаа човечки заби во лабораториски услови користејќи клетки од самите пациенти.
Во соработка со „Империјал колеџ“ Лондон, истражувачите успеале да ги рекреираат условите кои природно постојат при раниот развој на забите. Тоа им овозможило на клетките меѓусебно да комуницираат и да започнат процес на формирање на заби – нешто што претходно било само теоретски возможно.
Овој иновативен пристап отвора врата за револуција во стоматолошката грижа, заменувајќи ги традиционалните пломби и импланти со природна регенерација на забите – долгорочно решение што е биолошки компатибилно со телото.
Од лабораторија до усна шуплина: Како функционира техниката?
Тимот развива две главни методи. Првата е директна имплантација на млади, регенеративни забни клетки во вилицата, каде што тие би продолжиле да растат и да формираат заб на самото место. Втората опција вклучува целосно одгледување на заб во лабораторија, кој потоа ќе се трансплантира во устата на пациентот.
И двете методи се во фаза на тестирање и веќе покажуваат охрабрувачки резултати. Главната предност? Пациентите би добивале „вистински“ заби кои се совршено прифатени од телото, без ризик од отфрлање или компликации како кај вештачките импланти.
Технологија достапна за сите?
Истражувачите се надеваат дека во следните пет до десет години, оваа технологија ќе стане достапна во стоматолошките ординации – со што ќе започне нова ера на природна, долготрајна и ефикасна нега на забите.
Коментирај анонимно