Кинеска компанија за автомобили ја престигна Tesla – нова услуга за изнајмување возила БЕЗ возач до крајот на годината
Кина забрзано го освојува пазарот на самовозечки возила, а новата најава од технолошкиот гигант Бајду го потврдува тој тренд. Компанијата планира да ја лансира првата услуга за изнајмување автономни возила во светот, во партнерство со најголемата кинеска компанија за изнајмување автомобили – CAR Inc. Според изјавите, услугата ќе стартува до крајот на годината.
Иако деталите се уште се ограничени, концептот е едноставен: корисниците ќе можат да резервираат самовозечки автомобили во определени термини, кои ќе ги возат до различни дестинации, како културни знаменитости и туристички атракции. Целната група се туристи, повозрасни лица и луѓе со попреченост, на кои им е потребен лесен и достапен транспорт.
Што се случува во САД на оваа тема?
Најавата се совпадна со одобрувањето на проширување на тестирањето на Бајду роботаксите во Хонгконг. Првично ограничена на 20 патишта околу меѓународниот аеродром, програмата сега ќе се прошири на поширока зона – што претставува важен чекор за довербата во кинеската автоиндустрија. Со компании како BYD што веќе доминираат во продажбата на електрични возила, извозот на самовозечки технологии е логичен следен чекор.
Од друга страна, САД заостануваат значително. И покрај тоа што Кина веќе има во функција над 200 автономни автобуси, 1.500 роботакси и 1.000 камиони, американските технолошки компании се уште се борат со регулативи и технички предизвици. Тесла, на пример, и покрај слободата за тестирање на јавни патишта, се соочува со сериозни инциденти поврзани со самовозечкиот софтвер. Дури и Илон Маск призна дека „целосното самовозење сè уште не е подготвено”, иако беше најавено уште во 2016 година.
Технолошка предност
Во меѓувреме, регулативите во САД стануваат сè поповолни за автономните производители, особено откако Маск доби поголемо политичко влијание. Сепак, новата роботакси програма на Тесла во Остин, Тексас, е закажана дури за јуни – многу подоцна од кинеските проекти што веќе функционираат.
Кина не само што создава технолошка предност, туку истовремено поставува нови стандарди за примена и развој на автономниот транспорт.
Vo USA veke ima vakov service. Se vika WAYMO. (waymo.com)
Коментирај анонимно