Кочии со коњи, гатање од дланка и танцување во костими: Оживеан најголемиот саем на Ромите во Европа
Еднаш годишно на северот на Англија се случува речиси филмска сцена: илјадници коњи во реката, стари дрвени кочии и запреги паркирани покрај брегот, музика во воздухот и весела екипа во шарени костими.
Имено, во Камбрија (поточно во Еплби) секој јули се собираат околу 10.000 Роми и Шкотски или Ирски патници со своите каравани и коњи. Овде доаѓаат на годишниот саем за коњи кој денес се смета за најголем ромски саем во Европа.
Се верува дека корените на овој панаѓур настанале уште во 17 век, па затоа е навистина стара традиција. Како резултат на тоа, многумина беа загрижени кога пандемијата на коронавирус го зафати светот, откажувајќи го саемот по втор пат во неговата историја.
Иако официјално беше откажан во 2020 година, шест членови се собраа во склад со суеверието дека саемот ќе згасне доколку не се одржи. Оваа година, сепак, само датумот беше поместен и саемот се одржа неколку недели подоцна од вообичаеното. Дојдоа помалку гости од вообичаено, но атмосферата беше оценета како позитивна и оптимистичка.
Според ромските обичаи, целиот настан се одвива организирано – но спонтано. Официјални организатори нема, но самонаречените старешини разговараат за основните работи со градските власти: дозволи, јавни тоалети, саеми и коњи…
Можете да замислите како изгледаат овие живописни собири и точно може да претпоставите дека со текот на годините привлекле голем број туристи. Покрај саемот за коњи, овде можете да ѕирнете и во шаторите каде гатачите ќе ви ја кажат судбината преку кугла, или дланка и да пазарувате на локалниот пазар.
Целиот град тие денови оживува на поинаков начин, а оние кои не се подготвени за авантура на кампување или спиење во кочија, сигурно добро ќе се снајдат во блиските хотели. Нема дискриминација и секој е добредојден – како и да дојде.