Колку навистина е стар Чинарот во Охрид?

Охридскиот чинар е најголемото и едно од најстарите дрва во градот Охрид, позната знаменитост на градот, прогласено за споменик на природата на Македонија.

Тој е од видот чинар Platanus orientalis. Сместен е на чаршиската улица „Свети Климент Охридски“, на плоштадот „Крушевска Република“ спроти Џељовата магаза.

Чинарот е симбол на градот и со својата историја и убавина ги привлекува погледите не само на охриѓани, туку и на многубројните посетители. Седумте чинари и кочеџикот се и природна реткост прогласени од Министерството за животна средина и просторно планирање.

 

Покрај повеќевековното стебло на плоштадот „Крушевска Република“, кое честопати е зборно место на туристите, заштитени се и чинарите во близина на Здружението на пензионери, во населбите Воска и Кошишта, пред зградата на Црвен Крст, кај Мини маркет и во Влашка Мала, како и единечното стебло Кочеџик во дворот на црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Изминатото лето пред овие стебла беа поставени информативни табли со основни податоци за староста и називот на заштитените дрвја.

Симболот на градот, сведок на 11-вековните премрежја, чинарот на Малиот плоштад, пред две години беше саниран и ревитализиран под стручен надзор на професорот Јане Ацевски од Шумарскиот факултет во Скопје. Стеблото, кое, според преданијата, било засадено од Свети Климент кон крајот на 9-тиот или почетокот на 10-тиот век, по тогашните кажувања било во доста лоша состојба поради староста, но и несоодветна заштита. Сега, дрвото е механички обезбедено со четири потпорни столба, а соодветно е уреден и просторот околу него.

 

Иако легендата кажува дека чинарот на плоштадот е стар 11 века, науката, според Јасминка Момироска советник во секторот за заштита на животна средина и управување со отпад при општина Охрид, утврдила негова старост од околу 700 години.

„Проценетата старост на чинарот на Плоштад е околу 700 години, оној кај населбата Воска околу 400, кај Кошишта 300 години, во Влашка маала 150 години, а кај Мини маркет 120 години. Чинарите пак пред Црвен крст и пред Здружението на пензионери се стари по еден век. Додека Кочеџикот е засаден 1886 година од Никола Чудов по повод 1000 годишнината од упокојувањето на Свети Методиј“ – информира за МИА, Момироска.

 

Шумарскиот инженер и раководител на сектор „Паркови и зеленило“ при „Охридски комуналец“ Трајан Љаткоски информира дека согласно препораките од професорот Ацевски, редовно се става прихрана на чинарите со минерални ѓубрива и прскање со органски инсектициди.

„Направено е и обновување на заштитната кора на стариот чинар, со природна кора од неговата и од други постари чинари, кои имаат подебела кора. Се врши лепење на мрежа со природни лепила (туткал). Редовно се чистат и сувите гранки, се кастрат младите изданци, ја обновуваме крошната, а трипати годишно се врши и прихрана на дрвјата“, појасни Љаткоски за МИА.

Екипи на „Охридски комуналец“ работат и на одржување на просторот околу чинарите, чистење од трева и ѓубре.

„Чинарот на Плоштад е во лоша состојба, стар е. Правиме се, но не е во некоја најдобра кондиција. Со мерките што ги преземаме се надеваме дека ќе му го продолжиме векот. Премногу е стар има големи оштетувања, претходно долго време не се водеше грижа за него, не беше соодветно заштитен. Другите чинари се во релативно добра состојба“ – истакна Љаткоски.

 

Чинарот на малиот Плоштад најстаро евидентирано дрво во државата

Чинарот на плоштадот „Крушевска Република“, според Климент Наумов, професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и лиценциран туристички водич, е најстаро евидентирано дрво на територија на Македонија. Старо 1.100 години и современик на Свети Климент Охридски.

  • Живко Велјаноско напиша:

    Фонтаната кај читачот нее практична. Нее удобна за пиење вода. Излезот на водата треба да се оддалечи од ѕидот за уште 5-6 см

  • Коментирај анонимно

    Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *