Колку заработуваат најбогатите и најсиромашните земји во Африка?
Африка, како што велат научниците, е лулка на човештвото. Но, историски се случило така што овој континент денес не може да се пофали со висок животен стандард. Токму овде се наоѓаат некои од најсиромашните земји во светот. Сепак, ситуацијата не е толку лоша за сите. Некои африкански земји денес можат да се споредат дури и со европските по нивото на БДП по глава на жител.
Затоа решивме во оваа статија да ви ги претствиме петте најбогати и петте најсиромашни земји во Африка.
Бидејќи различни извори нудат различни бројки, ги користевме податоците од Светска банка за 2023 година (2024 сè уште не е целосно ажурирана). До името на секоја земја ќе го наведаме нивото на БДП по глава на жител во долари, за да не ја повторуваме таа фраза секојпат.
Најбогати земји во Африка:
Сејшели (17.879 долари)
Најбогатата земја во Африка се наоѓа на острови во Индискиот Океан, во близина на екваторот. Туризмот има клучна улога во нејзината економија – околу една третина од населението работи во услужниот сектор, а туристите носат дури 75% од девизниот приход.
Што ги прави Сејшелите толку успешни? Една од причините е малиот број на жители – помалку од 100 илјади. А бројот на туристи секоја година е неколкукратно поголем. За споредба, Египет има преку 100 милиони жители и „само“ околу 15 милиони туристи годишно. Оттука, туристичката добивка по човек на Сејшелите е многу поголема.
Маурициус (11.613 долари)
Уште една островска држава во Индискиот Океан, во близина на Сејшелите. Маурициус има прекрасна природа, која го привлекува вниманието на туристите. Со население од околу еден милион, земјата привлекува сличен број туристи годишно. Ова ѝ овозможува силен економски развој. Интересен факт: околу половина од населението исповеда хиндуизам, иако островот е оддалечен од Индија.
Боцвана (7.820 долари)
Сместена во јужниот дел на континентот, Боцвана има околу 2,5 милиони жители. Нејзината економија силно зависи од рударството – особено дијамантите, кои сочинуваат 45% од девизниот приход. Боцвана учествува со околу 25% во глобалното производство на дијаманти. Високата вредност на извозот и малото население ја прават економијата релативно стабилна.
Габон (7.802 долари)
Оваа централноафриканска држава е позната по своите национални паркови, но вистинската економска сила доаѓа од нафтата – 70% од извозот. Иако мнозинството жители се занимаваат со земјоделство, нафтените приходи му овозможуваат на Габон да го одржи пристоен БДП по глава на жител. Минималната плата во земјата е околу 255 долари – слична на некои европски земји.
Екваторијална Гвинеја (6.674 долари)
Северно од Габон, оваа земја е единствената во Африка каде што официјален јазик е шпански. Големиот економски напредок го должи на резервите на нафта и течен гас, кои се извезуваат, особено во САД. Сепак, иако државата има релативно висок БДП по глава, повеќето од 1,8 милиони жители живеат во сиромаштија. Тоа се должи на нерамномерна распределба на богатството.
Најсиромашни земји во Африка:
Мозамбик (622 долари)
Поранешна португалска колонија со 34 милиони жители. И покрај богатството на природни ресурси како јаглен, титаниум и гас, 80% од населението се занимава со земјоделство, а голем дел од земјиштето не се користи. Недостатокот од опрема и конкуренцијата на странските пазари ја држат земјата во сиромаштија. Минималната плата е околу 100 долари.
Малави (602 долари)
Малави се наоѓа северно од Мозамбик. По независноста од Британија во 1964 година, земјата остана без индустриска основа. Денес, околу 90% од населението (21 милион луѓе) работи во земјоделство. Повеќе од половина од луѓето живеат под прагот на сиромаштија.
Мадагаскар (506 долари)
Мадагаскар иако е дом на уникатна флора и фауна, и има потенцијал за туризам, економијата останува слаба. Само 5% од земјиштето се обработува, а приходот од туризмот сочинува само 6% од БДП. Земјата има трговски дефицит и се соочува со сериозна сиромаштија.
Централноафриканска Република (495 долари)
По децении конфликти и политичка нестабилност, оваа држава остана една од најсиромашните. Иако има резерви на нафта, дијаманти и ураниум, ресурсите не се развиени. Хуманитарната помош е постојана, но недоволна. Минималната плата изнесува само 60 долари.
Бурунди (193 долари)
Најсиромашната држава во Африка, со околу 13 милиони жители и БДП од само 3,5 милијарди долари. Над 90% од населението се занимава со земјоделство, а индустријата е речиси непостоечка. Поради лошите услови за живот, многумина ја напуштаат земјата.
Коментирај анонимно