Кристалната пештера во Дебар, со каква во светот освен нас може да се пофали само Мексико
Дали сте слушнале за рудникот Кнауф? Дебарчани се добро запознаени со ова место, но голем дел од жителите на Македонија имаат само слушнато за неговото постоење, но не и што крие рудникот.
На прв поглед рудниците изгледаат „здодевно“, сепак овој рудник има сосема нова димензија благодарение на „Кристалната пештера“.
Во селото Долно Косоврасти се наоѓа познатата бања Косоврасти каде што термоминералните води мирисаат на расипано јајце односно на сулфур. Токму овие води се „виновниците“ за креирање на кристална планина, каде и што се наоѓа рудникот на Кнауф. Рудникот има богата историја, први го откриле римјаните, кои тука ископувале во античките времиња.
Рудникот кој се наоѓа на 90 до 200 метри под површината има гипс од три типа: алабастер, анхидрит и кристалот селенит. Најредок од овие е селенитот и карактеристчино за него е што чистината му е 99% и ова го прави единствен во светот, односно друга пештера каде што би можело да има ваков селенит се наоѓа во Мексико.
Во пештерата температурата е секогаш 17 степени, а таванот не се потпира на греди или било каква конструкција. Кристалот се наоѓа насекаде и сѐ уште не може да се утврди колкава е вкупната количина. Рудникот има три ката меѓу кои има плочи дебели меѓу 5 и 6 метри.
Она што го прави најголемото богатство на пештерата, селенитот, уште попосебен е неговата намена. Тој се користи исклучиво во медицината, а од него, односно од неговиот фин прав, откако ќе се преработи се произведува гипс и лонгети.
За жал „Кристалната пештера“ не е туристичка атракција, но постои начин да се посети доколку се договорите со претходна најава во рудникот и добиете водич. Голем број на екперти ја посетиле оваа пештера и тие останале подеднакво воодушевени од тоа што има да го понуди како и „обичните луѓе“.
Фото: Тања Додева