Кучето само игра Челик-чомак

Постарите генерации добро ја знаат оваа игра, од времето кога децата го поминуваа целото време надвор. Челик-чомак е вид детска игра со две стапчиња, едното со должина од околу една педа „челик“ и другото со должина од 70 до 100 см „чомак“ и најмалку двајца учесници.

Правила на играта:

Секој учесник или група има свои „челик“ и „чомак“ кои се изработувале рачно и од нивната добра изработка, покрај од вештината на играчите, зависела и изведбата. Челикот бил помало, јако, дебело стапче, спротивно наделкано на двата краја со должина од 15-20 см. Чомакот бил подолг, со должина од 70 до 100 см, стап со кој се удирал челикот.

Се одредувала почетна точка каде се копала дупка во земјата или се местеле два камења еден до друг така што челикот да може да виси на нив и со чомакот да биде удрен одоздола. Околу оваа точка се цртал круг со полупречник од пола метар.

Се одредувала која екипа прва ќе почне и еден нејзин играч со чомакот го исфрлал челикот што подалеку, а другата екипа се обидувала да го фати или да го допре. Доколку успеела во тоа, таа екипа ја заземала почетната точка и се менувале улогите. Доколку не успеела, од местото каде што паднал челикот се обидувале да го вратат во кругот, додека играч од другата екипа го штител кругот со чомакот (имал право да го погоди и да го исфрли што подалеку). Поените се сметале со мерење на должината (со број на должини на чомакот) каде што паднал челикот по второто фрлање. Победувала екипата која ќе соберела најмногу поени во однапред договореното време.