Куче се појавило во полициска станица, за да се пријави дека исчезнало

Знаете дека може да се случи вашиот миленик и најдобар пријател да се изгуби, па потоа го барате со часови, денови, па понекогаш и за жал не успевате да го пронајдете. Сепак ова не е една од тие тажни приказни, овој миленик знае како да се снајде во ситуации кога ќе се изгуби.

Полицајците во полициската станица во Одеса во Тексас прилично се изненадиле кога едно утро на шалтерот им се појавило весело кученце кое „сакало да пријави дека исчезнало“. Кучето било прилично пријателски расположено и сакало да се игра со полицајците.

На нив им било јасно дека кучето е разделено од сопствениците и решиле што побрзо да го најдат неговиот дом. Полицаецот Расти Мартин бил првиот кој го пречекал кучето за кое сега знаат дека се вика Чико и го забавувал додека полицајците на должност се обидувале да дознаат повеќе за него.

Тие најпрвин објавиле фотографија од кучето на Фејсбук со опис дека кучето најверојатно е тука за да „аплицира за работа“. Додека Чико носел јака, неговата ознака за идентификација најверојатно испаднала така што контролата на животните била испратена за да дојде и да го проверат дали има микрочип.

Но, за среќа работата се решила порано. Сопственикот на Чико ја видел објавата на Фејсбук и си го земал кучето. Чико живее на 2 километри од станицата, а полицајците велат дека секогаш е добредојден кај нив на „гости“ се додека не бега сам од дома.