Легендите за Св. Климент Охридски, чудотворецот кој почина на денешен ден

Македонската православна црква како и секој христијанин го гордост го слават името и делото на Свети Климент Охридски, еден од првите средновековни словенски светци, научник, писател и просветител на Словените.

Климент бил еден од најистакнатите ученици на Кирил и Методиј кои заедно се поврзуваат со создавање на глаголското и кириличното писмо, особено нивното распространување помеѓу христијанизираните Словени. Тој бил основач на Охридската книжевна школа или попозната како „Прв словенски универзитет“.

Климент починал на речиси осумдесетгодишна возраст, на 27 јули 916 година во Охрид. Бил погребан во тремот на манастирската црква „Св. Пантелејмон“, а неговите мошти подоцна биле разнесени во повеќе цркви. Но, дали сте ги слушнале легендите за Св. Климент Чудотворецот? Еве неколку од нив:

Св. Климент и овошјето

Во градот Охрид има изобилни и од секаков вид овошја, какви не можат да се најдат секаде. Кажуваат дека Св. Климент не ги просветлил само луѓето од охридскиот крај преку христијанската вера, туку дека и самите плодородни дрвја ги оплеменил, кога од Азија пренесол во градот питоми овошја, садници и ги облагородил дивите до тогаш месни овошни дрвја.

Чувар на градот Охрид!

Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот и околината ќе се надвиснела некоја несреќа се јавува духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање. Еден податок говори дека во Втората светска војна неговиот златен крст го спасил градот Охрид кога Германците сакале да го запалат. Постојат повеќе преданија дека светителот го чувал Охрид и од чума и од други болести.

Моштите на Св. Климент и чумата

Черепот на Свети Климент денес се наоѓа во град во близина на Солун, а според легендата тој бил стекнат вака: Во градот неколку години владеела чума, а на еден од мештаните на сон Богородица му рекла само черепот на Свети Климент Охридски во Охрид може да ги спаси. Грците со многу пари и злато дошле во Охрид за да го купат черепот на Свети Климент Охридски.

Луѓе кои не ја знаеле вистинската вредност на черепот го продале и тој веќе седум века се наоѓа во Грција.