Ловци на богатства направија „непроценливо“ откритие: Лего коцки пронајдени од брод кој потонал пред 27 години – меѓу нив и првата Лего ајкула

Стотици коцки од Лего, изгубени од товарен брод пред 27 години, годинава повторно излегоа на виделина – меѓу нив и првата Лего ајкула.

На 13 февруари 1997 година, огромен бран исфрлил 62 товарни контејнери од бродот „Токио Експрес“ на околу 20 милји од брегот на Лендс Енд, Корнвол.

Еден од контејнерите содржел 4,756,940 делови, од кои поголемиот дел со морска тематика.

Од тогаш, делови од Лего се пронајдени во југозападна Англија, Каналските Острови, Велс, Ирска, Холандија и Норвешка.

Многу од пронајдените делови се ретки и колекционерите ги сметаат за „богатство“.

Рибарот Ричард Вест, 35, пронашол Лего ајкула на своите мрежи пред неколку недели.

„Веднаш препознав што е тоа бидејќи кога бев мал имав Лего ајкули од пиратскиот сет.“

Трејси Вилијамс, која го води проектот Lego Lost at Sea за координација на потрагата по деловите, изјавила дека голем број од 53,120 жолти Лего копја годинава биле извлечени од морето.

Додека нуркачките резервоари и перки се најчестите пронајдоци, ајкулата на Ричард е првата што е пронајдена.

Трејси истакнала дека според официјалниот инвентар, во морето завршиле 22,200 темносиви и 29,600 светлосиви Лего ајкули.

„Ајкулите потонуваат, што објаснува зошто досега се пронајдени толку малку. Веројатно има уште над 50,000 што лежат на морското дно – некои се упатуваат кон бреговите, други кон подлабоките води“ додава таа.

Од бреговите на Норвешка до Арктикот

Научниците проценуваат дека океанските струи ги носат Лего коцките „на север покрај Норвешка кон Арктичкиот Океан“.
Еден морепловец пронашол сина Лего перка на плажа во југозападна Норвешка.

Екипажот на рибарскиот брод Crystal Sea ова лето од морското дно извлекол делови од Лего – меѓу нив и две жолти чамци за спасување. Друг рибар пронашол редок сив панел од Лего во своите мрежи.

Во април, 14-годишно момче пронашло црн Лего октопод на плажата Маразјон, блиску до Пензанце, Корнвол – еден од 4,200 пронајдени од товарниот брод. Потоа нашол два од 33,427 црни Лего змејови од истата пратка. Идентични змејови биле пронајдени на плажите во Брајтон и Гернзи.

Сепак, Трејси изјавила дека сѐ уште нема извештаи за пронајдени Лего магични стапови, крилја од змејови или шапки на вештерки.

Нејзината мисија за спасување добила награда Rescue Project of the Year на наградите Current Archaeology Awards 2023.
Таа објаснила дека проектот има цел да ја подигне свеста за проблемот со пластиката во океаните – како таа стигнува таму, што потонува, што плови, колку долго трае, колку далеку се движи и што се случува со неа низ времето и со распаѓањето.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *