Луѓето упатуваат пофалби до новата колекција долна облека на Ријана, затоа што вклучила „вистински маж“ како модел

Сите сме навикнати кога ќе гледаме реклами за долна облека без разлика дали е за мажи или жени да има атрактивни и скоро нереално згодни модели од кои веднаш знаеме дека истите работи нема така да изгледаат на нас. Ријана е познат поборник за инклузивност во светот на убавината, а една од нејзините последни колекции е одличен пример за тоа.

32-годишната девојка покажа љубов кон крупните момци во својата нова линија Savage X Fenty со инкорпорирање на разновидни модели во нејзината промоција. Боксерките освен класични модели ги носат и машки модели со „плус големина“ и ова дефинитивно не им пречи на луѓето.

Во 2018 година, светски познатата пејачка доби слични пофалби по нејзината ревија на долна облека на модната недела во Њујорк Savage X Fenty, на која се претставија и две бремени модели, покрај низа модели со различни форми и големини на телото. Според неа, инклузивноста доаѓа природно кога таа дизајнира, бидејќи мисли на луѓето во нејзиниот живот.

„Кога замислувам нешто, ги замислувам сите што ги познавам и сакаат да бидат дел од тоа. Сакам да направам работи што можам да ги видам кај луѓето што ги познавам, и тие доаѓаат во различни форми, големини, раси и религии.“, вели Ријана.