Мајка од Северна Кореја се соочува со затвор затоа што од пожар ги спасила своите деца, а не „најважната работа“

Жената е ставена под истрага од Министерството за државна безбедност во земјата, откако избувнал пожар во еден дом што го делеле две семејства во округот Онсонг, провинција Северна Хамгонг, близу до кинеската граница. Двете групи на родители биле излезени во моментот кога пожарот започнал, но се вратиле за да ги спасат своите семејства откако виделе чад.

Но, во тој процес биле уништени „скапоцените“ портрети на лидерите на Северна Кореја. На една од мајките ѝ се заканува затвор затоа што ги спасила своите деца но дозволила портретите да бидат уништени.

Северна Кореја бара секој дом да прикажува слики од поранешните лидери, па дури испраќаат и инспектори кои ќе се осигураат дека тоа се врши. Според законите на наследното кралство, сите прикази на семејството Ким мора да се третираат со иста почит како и самите мажи, што значи неправилната грижа за портретите претставува сериозен прекршок.

Ако биде прогласена за виновна, мајката се соочува со долга затворска казна со напорна работа. Како резултат на истрагата таа не може да си ги види децата во болница ниту да добие антибиотици за своите изгореници. Соседите изјавиле дека сакале да помогнат, но се плашеле дека ќе бидат обвинети за политички криминал.

Севернокорејците кои ги спасуваат портретите на Ким од поплави и пожари, се сметаат за херои – особено ако умрат во обидот. На пример едно дете изгорело во пожар додека во прегратки го држело портретот на поранешниот владател, а во 2012 година 14-годишно девојче се удави обидувајќи се да ги спаси портретите откако нејзиниот дом бил поплавен.