„Магично“ огледало: Амазон отвора фризерски салон со напредни технолошки решенија

Амазон ја проширува својата област на деловна активност во друга индустрија, малку неочекувано кога станува збор за оваа технолошка компанија чија основна дејност е трговија преку Интернет.

Тие ќе го отворат својот прв фризерски салон во Лондон. Невообичаено за Амазон, но не е тешко да се претпостави дека нема да биде обичен салон, туку ќе доминираат интересни технолошки решенија. Самите услуги нема да бидат премногу различни од традиционалните салони и да нудат услуги како што се фризури, бојадисување, фенирање итн. Она што ќе ги направи различни и што ќе биде најинтересно за корисниците е огледалото со поддршка за проширена реалност.

Благодарение на ова огледало, пред да започнете со кратење и бојадисување на косата ќе можете да експериментирате со различни виртуелни бои и нијанси на бои за брзо и лесно да ја пронајдете бојата која најмногу ви се допаѓа и сето тоа во удобното столче на фризерскиот салон.

Само кога ќе се најде најдобрата нијанса, вистинската боја се нанесува на косата. Доколку ова решение се покаже задоволително и прифатливо, ваквите огледала би можеле да се прошират во козметички салони во иднина и да им ја олеснат работата на фризерите, барем кога станува збор за бојадисување на косата.

Покрај AR огледалата, посетителите на салонот на Амазон ќе имаат пристап до весници и списанија, но секако во дигитално издание, на таблетите „Fire“ на Амазон.

Друга интересна работа во врска со Амазонскиот салон е тоа што ќе прикаже голем број производи за нега на коса, а кога посетителите избираат одреден производ, информациите за него ќе се појават на големиот екран. Оние кои сакаат да купат одреден производ ќе можат да го скенираат QR-кодот поставен веднаш до него и врската ќе ги однесе на страницата на Amazon каде што ќе можат веднаш да го купат.

Амазон истакнува дека ова е експериментален проект насочен кон демонстрација на нови технологии и производи и тие не планираат понатаму да отвораат нови изложбени салони на други локации, иако тоа не значи дека во иднина нема да се предомислат. Овој салон наскоро ќе биде отворен само за вработените во Амазон, по што ќе биде достапен за сите.