Мајка Британка која заминала да се приклучи на ИСИС, го моли Обединетото кралство да ѝ дозволи да се врати дома

Мајка од Велика Британија и поранешна работничка во пицерија, која заминала да се приклучи на Исламска држава во Ирак и Левантот, ја моли Велика Британија да ѝ дозволи да се врати од Сирија со своите ќерки на возраст од 7, 9 и 12 години.

Никол Џек, од Шепардс Буш, Западен Лондон, и нејзините деца се притворени во Камп Рој, каде што се чуваат роднини на луѓе за кои постои сомневање дека припаѓаат на ИСИС.

Џек (34) е сместена во истиот камп со невестата на ИСИС, Шамима Бегум од Лондон, на која Саџид Џавид ѝ го одзема државјанството од Обединетото кралство во 2019 година.

Мајката го напуштила Лондон со својот сопруг и четирите деца за да се придружат на ИСИС во Ирак во октомври 2015 година, откако му кажала на своето семејство дека оди во Сомалија за да започне нов живот.

Таа тврди дека нејзиниот сопруг Хусеин Али се заканил дека ќе го растури семејството ако таа оди со него, но тој потоа починал следната година борејќи се за милитантната група.

 

Џек потоа се омажила за друг странски регрут на ИСИС, Адил де Монтричард од Тринидад и Тобаго, познат и како Адил Робертс, и тие се преселиле во Сирија во 2017 година.

Потоа забременила со тројка, но се вели дека првото дете починало во утробата, второто се родило мртво, а третото живеело само три недели.

Шест недели подоцна, г-дин де Монтричард бил во градината со десетгодишниот син на г-ѓа Џек, Исак, кога и двајцата загинале во воздушен напад.

Таа изјави дека знае дека нејзиниот син сега е „на подобро место“, но додаде: „Се` друго може да нe` доведе до распад и тоа е тоа што не можам да го ризикувам“.

Г -ѓа Џек била воспитана како христијанка, но се преобратила во ислам откако го запознала г -дин Али, додека двајцата работеле во пицерија во Хамерсмит, западен Лондон.

Таа не знае дали се` уште има британско државјанство, но нема да дозволи нејзините деца да одат во Велика Британија без неа, бидејќи тие „не би биле во стабилна ситуација“.

Во Лондон, бабата на децата Шарлин Џек Хенри, медицинска сестра, сака трите девојки да се вратат дома.

Девојките одат во импровизирано училиште управувано од „Спасете ги децата“ и се меѓу 60 -те британски деца кои се притворени во сириските кампови заедно со околу 16 жени од Велика Британија.

Кампот е во близина на Ал-Маликија во провинцијата Хасака.

Портпаролот на Владата изјави: „Наш приоритет е да ја обезбедиме безбедноста и сигурноста на Обединетото Кралство. Оние што остануваат во Сирија се опасни лица кои избрале да останат за да се борат или на друг начин да поддржат група која извршила грозоморни злосторства, вклучително и касапење и отсекување глави на невини цивили“.

Ова се случува еден ден откако Германија врати осум жени кои се приклучиле на ИСИС и 23 деца од кампот Рој, кој се наоѓа во североисточна Сирија, под контрола на Курдите.

Германија рече дека тоа е најголемиот ваков трансфер од 2019 година, при што министерот за надворешни работи Хајко Мас инсистираше дека децата „не се одговорни за нивната ситуација“

Тој додаде дека „мајките ќе треба да одговараат за своите постапки“ и многу од нив беа притворени при пристигнувањето во Германиј.

Данска, исто така, донесе три жени и 14 деца на нејзината територија, како дел од истата операција, спроведена со американска воена поддршка.