Македонија со нова генерација зависни од коцкање: 71% од младите во Македонија веќе се коцкале, 17,8% се зависни комарџии! Кој ќе преземе нешто?

Загрижувачки податоци покажуваат дека значителен дел од младите во Република Македонија веќе развиле зависност од игри на среќа, беше истакнато на вчерашната прес-конференција организирана од здружението ХОПС – Опции за здрав живот – Скопје. На настанот беа презентирани резултатите од истражувањето „Младите и нивните навики за обложување во Македонија, Србија и Косово“, како и препораки за превенција и лекување на зависност од игри на среќа кај младите.

Препораките вклучуваат информирање за ризиците од игрите на среќа, воведување програми за превенција, како и отворање центри за лекување на зависности.

„Јасно е дека голем број млади во Македонија редовно играат игри на среќа. Од 214 учесници во онлајн истражувањето, дури 71% потврдиле дека играле игри на среќа, а 17,8% изјавиле дека се зависни. Дополнително, половина од учесниците во фокус групите признаваат дека играат секојдневно,“ беше истакнато на настанот.

 

Главниот истражувач, Влатко Деков од ХОПС, објасни дека 44,4% од учесниците рекле дека играат од забава, додека 24,8% го прават тоа заради финансиски добивки. Значителен процент (16%) признале дека играат затоа што и нивните пријатели се обложуваат, а 12% одговориле дека ги привлекува адреналинот што го чувствуваат при играњето.

Резултатите од анализата, која ја опфати правната регулатива за игри на среќа во Македонија, како и податоците од истражувањето спроведено меѓу младите до 25 години, доведоа до низа препораки.

Меѓу нив се предлози за обврска на организаторите на игри на среќа да ги информираат играчите за ризиците од зависност и можностите за помош. Дополнително, се предлага воведување данок за финансирање програми за превенција и лекување на зависности, едукација на вработените за препознавање на знаците на зависност кај играчите, како и национална кампања за информирање младите за штетните последици од игрите на среќа.

Се препорачува Министерството за здравство да отвори центри за лекување зависности, а Министерството за образование да воведе наставни програми за превенција на зависности во основните и средните училишта. Покрај тоа, предложено е воведување построги санкции за прекршувања на законот, особено за учество на малолетници во игри на среќа и послужување алкохол на малолетници. Како уште една мерка, се предлага целосна забрана на рекламирањето на обложувањето во медиумите, слично како забраната за рекламирање на цигари.

Истражувањето е дел од регионалниот проект „Младите и коцкањето“, спроведен од ХОПС – Опции за здрав живот во партнерство со организации од Србија и Косово, и поддржан од Western Balkans Fund.

Иако во сите три земји постои законска забрана за малолетници да учествуваат во игри на среќа, Србија е единствената каде организаторите се должни да ги информираат граѓаните за ризиците од коцкање и да им дадат информации за достапните опции за лекување. Во Македонија и Косово ваквите законски обврски недостасуваат.

Дополнително, истражувањето покажало дека законската регулатива во регионот не се спроведува доследно, а испитаниците честопати сведочат како и малолетници учествуваат во игри на среќа, беше истакнато на настанот.

Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!

  • dimce напиша:

    Dobra plata na roditelite ili na mladite koi se vo faza na zivot bez i so obvrski sigurno procentot ke bide pomal po kazina i ka razmisluvaat za normalno uzivanje vo ednas dadeniot zivot.

  • mitre напиша:

    Прво стоп на реклами и платени стати како некој првпат влегол во казино и со 40 денари му падна џек пот…

  • Rade напиша:

    Uste nekoe kazino neka otvorat, povekje kazina otkolku akolo, gradinki, marketi, sportski tereni….

  • Rade напиша:

    Uste nekoe kazino neka otvorat, povekje kazina otkolku skolo, gradinki, marketi, sportski tereni….

  • Коментирај анонимно

    Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *