Македонија триумфира на Таеквондо сцената! 9 златни, 4 сребрени, 14 бронзени и 2 пехари за најдобри поединци од „СРБИЈА ОПЕН 2024“ за нашите спортисти
Во изминатиот викенд, на 19-ти октомври 2024 година, во Нови Сад, Србија, се одржа традиционалниот 17-ти по ред меѓународен А класа Таеквон-до ИТФ натпревар „Србија Опен 2024“, еден од најсилните натпревари во југоисточна Европа. Овој престижен настан привлече 555 натпреварувачи од 11 земји од регионот. Многу држави ги донесоа своите најдобри спортисти за да се подготват за Европското првенство кое ќе се одржи во април следната година во Талин, Естонија.
Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација (М.Т.Т.Ф.), предводена од претседателот Марјанчо Лазаревски и националниот селектор Саша Поповски, и двајцата носители на црн појас 5-ти дан, учествуваше со 22 натпреварувачи од 5 клуба, натпреварувајќи се во дисциплините форми (борба со замислен противник) и спаринг борби. Покрај натпреварувачите, М.Т.Т.Ф. имаше и 4 официјални лица и 5 лиценцирани судии.
Иако нашата репрезентација беше меѓу помалите, македонските натпреварувачи се истакнаа со одлични резултати, освојувајќи 9 златни, 4 сребрени, 14 бронзени медали и 2 пехари за најдобри поединци. Во вкупниот пласман, Македонија го освои 4-тото место, иако учествувавме со помал број натпреварувачи во споредба со некои други земји. Секој натпреварувач кој освои злато се бореше во 3 до 4 борби. Натпреварот започна со помладите категории, а заврши со одлични борби на возрасните натпреварувачи.
Посебно се истакнаа натпреварувачите од клубот „Сонкал“ од Мислешево, Струга, кои освоија 3 златни, 1 сребрен и 4 бронзени медали, при што сите нивни натпреварувачи се вратија дома со медали. Теодор Ѓорески освои златен и сребрен медал, како и пехар за најдобар поединец. Тренерите на овој клуб, Давид Крстески и Марио Крстески, беа непобедливи, освојувајќи златни медали во спаринг борби со 4, односно 3 борби.
Од клубот „Мастер“ од Охрид, Владимир Димитриевиќ се искачи на врвот со три победи, докажувајќи дека е ненадминлив во својата категорија. Од клубот „Чонџи“ од Косел-Охрид, Михаил Крстаноски освои златен и сребрен медал, како и пехар за најдобар поединец.
Од клубот „Ахилиус“ од Скопје, Теодора Митреска успеа да се искачи на второто место, додека од клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец-Охрид, Миа Танеска повторно освои златен медал во борби, продолжувајќи ја својата успешна серија од Плевен, Бугарија. Златни медали освоија и Теодора Тодороска, Анастасија Трифуновска и Михаил Јоноски.
Претседателот Марјанчо Лазаревски изрази посебна благодарност до генералниот спонзор „ПН Метал“, како и до Министерството за спорт и Општина Охрид, кои се најзаслужни за учеството на нашата репрезентација на овој престижен натпревар.
Коментирај анонимно