Македонски успех: Сребрен медал и три Олимписки пофалници на 31.издание на Балканската Олимпијада по информатика во Охрид
Со свечена церемонија за доделување на медали, денес во Охрид, Македонија, заврши 31. издание на Балканската Олимпијада по Информатика (БОИ), која беше организирана од Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ). Оваа година, од 20 до 25 септември, Олимпијадата ги собра на едно место најспособните млади умови во областа на технологијата и иновациите од Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Италија, Украина и Саудиска Арабија. Во текот на натпреварувачките денови, учесниците решаваа сложени алгоритамски задачи дизајнирани да ги предизвикаат нивните вештини во програмирање и решавање на проблеми. По внимателната евалуација, најдобрите натпреварувачи беа наградени со медали како признание за нивните достигнувања.
На оваа Балканска Олимпијада, македонскиот претставник Дамјан Давков од Штип, ученик на Математичко-информатичката гимназија во Скопје, го освои сребрениот медал. Благој Рујаноски Стојановски, Владимир Грчев и Виктор Максимовски добија олимписки пофалби за нивните резултати.
Највисокиот златен медал го освои Даниел Којнов од Бугарија, а златни медали освоија и Милош Милутиновиќ од Србија, како и Борис Михов и Андреј Стефанов, исто така од Бугарија.
Овие млади програмери покажаа исклучително ниво на знаење и креативност, поставувајќи високи стандарди за идните учесници на Олимпијадата.
„Со гордост можам да кажам дека успешно го завршивме 31. издание на Балканската Олимпијада по Информатика. Трет пат во Македонија, по 2000 и 2008 година, ги собравме на едно место средношколците – информатичари од Балканот и пошироко, овозможувајќи им да го покажат својот талент и да изградат долготрајни конекции. Им честитам на сите учесници кои покажаа извонредни вештини за решавање на комплексни проблеми и издржливост во текот на натпреварот. Бити домаќини на ваков настан во Македонија е доказ за нашата посветеност во негувањето на младите таленти во информатиката. Сето ова беше реализирано со поддршка од нашиот институционален партнер ФИНКИ, кој обезбеди финансии, нова опрема, и учество на професорите во подготовката и евалуацијата на задачите. Исто така, искрена благодарност до нашиот златен спонзор “Sorsix“, како и останатите поддржувачи: “Jane Street”, “Valtech”, “Netcetera”, “Codecham”, “GrabIT”, “Furious Avocado”, “Loka”, “Винчини”, “Комплекс Мижо”, “Долна Порта”, “Халк банка”, “Фротекс”, “Masinokop Resources”, “Кока-кола” и “Бистри Умови Македонија“, кои одиграа важна улога во успехот на Олимпијадата“, изјави проф. д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ.
Балканската Олимпијада по Информатика нуди уникатна можност за младите да ги тестираат своите вештини и знаења, стекнувајќи искуства кои ќе им помогнат во нивниот академски и професионален развој. Покрај натпреварите, учесниците имаа можност да се запознаат со локалната култура и историја на Охрид, посетувајќи го стариот дел на градот и со брод пловеа до Заливот на коските и манастирот Св. Наум.
Зголемениот број учесници и нивната разновидност се показател за значењето и влијанието на оваа Олимпијада, а вклучувањето на земји надвор од Балканот низ годините покажува колкав е квалитетот на натпреварот. Со 31-годишна традиција, БОИ продолжува да ги инспирира новите генерации информатичари кои ќе ја обликуваат иднината на технологијата.
Коментирај анонимно