Македонскиот рубин: Скапоценост која ја има Папата, но ние полека ја забораваме
Кога ќе се спомене рудникот „Сивец“ во Прилеп најголем дел од луѓето веднаш помислуваат на мермер. И секако тие се во право. Тој се наоѓа на периферијата на пелагонискиот масив, на границата помеѓу планините Бабуна и Козјак, а во подножјето на источната падина под превојот Плетвар.
Вкупните рудни резерви во Сивец се 6.471.200 м³ и овој мермер се вбројува во едни од најквалитетните во Европа, па и во светот поради нагласената блоковност и неверојатната белина. Но, во рудникот „Сивец“ се крие и друго македонско богатство за кое поретко се зборува.
Станува збор за македонскиот рубин. Приказната за рубинот почнува уште пред повеќе од 100 години кога германскиот геолог Ото Хајнрих Ернстмандорфер во своите научни трудови посочил дека во прилепскиот крај може да се најде минералот корунд. Корунд е всушност кристална форма на алуминиум оксид. Во неа има и траги од железо, титаниум или хром кои му даваат различни бои. Црвениот корунд се нарекува рубин, според геолозите.
Сепак истражувањето на германскиот геолог останало занемарено, сѐ додека неколку децении подоцна не се отворил рудникот „Сивец“ и материјал го голема тврдина им го уништувал алатот на рударите. Тогаш овој материјал се сметал за сериозна маана кај мермерот и се ослободувале од овие парчиња.
Македонија воопшто не била ни таа која прва станала свесна за своето богатство. Туку лабораторија во Велика Британија во 2000 година го докажала постоењето на корундот во мермерот, а истото било поврдено во 2006 година од Природонаучниот музеј од Лондон. Карактеристично е што Македонскиот рубин има розова, а не црвена боја, но може да биде и зелен.
За жал во нашата држава рубинот од „Сивец“ не е многу популарен иако се обработува и употребува за филигран. Сепак во светот овој рубин може да се најде во сопственост на повеќе познати лица. Македонскиот рубин го имаат Дерил Хана и Катрин Денев, кои гостуваа на фестивалот „Браќа Манаки“. Исто така тој е вграден во крстот на Папата Бенедикт 16 и на Папата Франциско. Емирот од Катар исто така го има во својата колекција и многу други. Македонија може да понуди многу, ако знаеме да ги откриеме и цениме сопствените квалитети.