Малолетна мајка од Скопје бара помош од луѓето за повторно да биде со своето бебе

Тажни судбини за жал гледаме и слушаме за нив секојдневно. Болестите не се секогаш причина за на една личност да ѝ се сруши светот. Овој пат станува збор за два млади животи подготвени да се борат за да останат заедно. Доктор Горан Трајковски, кој е популарен на Инстаграм и има големо влијание врз луѓето, одлучи ова влијание да го пренасочи за да помогне на една млада и сѐ уште малолетна девојка.

Тој вели дека девојката, која што ја нарекува Маја, го родила своето бебе пред 9 месеци. Но, иако бебињата ја носат најголемата среќа на светот за мајките, ова бил тежок почеток за Маја. Таа уште од почетокот не сакала да размислува за абортус и била одлучна да го роди детето, но за жал во оваа замисла била сама.

Нејзиното семејство не сакало да ја прифати Маја со бебето и затоа таа, барем привремено морала да се откаже од него. Бебето било дадено во згрижувачко семејство. За недела-две Маја полни 18 години и сака да си го земе во прегратка своето чедо. Но, како многу млада мајка која сѐ уште го нема завршено образованието и нема поддршка од семејството не може да си го дозволи тоа.

Докторот Горан преку видео побара било каква помош за девојчето, од тип на производи за бебето, било каква работа за Маја, скромен стан и парични средства кои би можеле луѓето да ги донираат за оваа акција да се изреализира до крај.

Тој организирал и профил за прибирање на средства за Маја, преку GoFundMe и доколку сакате да донирате и да дознаете повеќе за донациите кликнете тука. Исто така погледнете го и видеото каде што Др. Горан ја раскажува судбината на младата мајка.