Масакрот во Велес, во кој на денешен ден пред 76 години беа убиени 53 лица, останува историска мистерија

Светот е обвиткан во мистерии и работи кои целосно не се разјаснети, но понекогаш мистериите кои се најблиску до нас не ги забележуваме. Во далечната 1945 година на 15 јануари во Велес се пролеала крв на 53 луѓе, без да се знае точно нивната вина. Нивните гробови беа заборавени, а правдата и вистината никогаш не излегоа на виделина. Еве што се случуваше пред 76 години.

Масакр кој се претвори во државна тајна

На 15 јануари 1945 без јавно судење, биле масакрирани 53 затвореници од велешкиот затвор. Властите се сомневале дека биле озлогласени противници на НОБ и соработници со окупаторот. Но, наместо да се докаже нивната вина на суд и потоа да им се изрече пресуда тие биле групно стрелани и масакрирани, а потоа и закопани во заедничка гробница.

За ликвидацијата на затворениците од затворот во Велес не известил ниту еден медиум, „Нова Македонија“, ниту Радио Скопје, кои обично известувале за судењата и погубувањата на народните непријатели не напишале или кажале било што на оваа тема. Единствено локалното радио во Велес известило за настанот, а потоа настанал молк, кој траел со децении.

Семејствата не можеле да добијат било каков вид на правда за погубените, затоа што случајот бил заташкан и правните документи кои требало да бидат обезбедени пред да биде извршено погубувањето биле изготвени по масакрот. Стрелањето го наредил полковникот Евто Шашиќ.

Откривање на ужасот од масовната гробница

Масовната гробница била пронајдена дури 1996 година во местноста Пуста Кула во атарот на селото Летевци. Според обдукцијата, затворениците биле усмртени на најсвиреп начин со токмаци и железа, со удари по главата. Биле пронајдени 15 сочувани черепи од 53 закопани, само четири куршуми и констатација дека починатите биле усмртени со удар од „тапо-тврда сила“ по главата.

Делумно разоткривање на случајот

Во автобиографските белешки, објавени 1999 година претседателот на Президиумот на АСНОМ Методи Андонов Ченто обелоденил дека за погубувањата во Велес и во Куманово (48 затвореници биле погубени и таму на тајна локација) дознал од семејствата, откако тие биле извршени без да биде информиран и консултиран. Како иницијатор тој го посочи Едвард Кардељ, а за наредбодавач Лазар Колишевски.

Истиот ден отпатувал за Белград каде побарал објаснување од маршалот Тито кој исто така тврдел дека не бил информиран и веднаш издал наредба да престанат стрелањата без судење.

Случај за кој никој не зборува и денес

Извор: Ти реков ми рече

Од страна на најблиските на погубените затвореници била подигната спомен плоча на гробиштата до црквата Св. Спас во Велес, во 2002 година. Непознати вандали во 2009 година ја уништиле истата плоча, најверојатно со токмак, со цел да се испрати одредена порака.

Во 2005 година на 15 јануари биле одбележани 60 години од грозоморниот масакр, а била организирана и трибина на која историчарите Виолета Ачкоска, Зоран Тодоровски и Ѓорѓи Малковски, како и професорите Гане Тодоровски и Владо Поповски зборувале за правните и историските околности. Гане Тодоровски македонски поет, преведувач, професор, есеист, книжевен критичар, историчар и публицист ијавил: „Ова е еден пример на реваншизам, тој одбивен декор на слободата. Хајка на одмаздништво што го водеше немакедонското намесништво.“

Ова претставува најголем масакр врз цивили извршен од ОЗНА (Одделение за заштита на народот- воена служба за безбедност) во ослободена Македонија.

Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.