Масон, револуционер, атентатор?: Кој бил Павел Шатев, кратовчанецот кој влезе во историјата

Некој би рекол дека Масоните односно „Слободните ѕидари“ своето влијание отсекогаш го насочувале кон Европа и Америка, а Балканот не им бил дел од агендата, но ќе згрешиме. Очигледно тие се насекаде и се дел и од историјата на Македонија.

Павел Шатев е роден во Кратово, на денешен ден 15 јуни 1882 година. Тој бил истакнат македонски револуционер и анархист, член на Гемиџиите и еден од солунските атенатори. Подоцна станува еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија – прв министер за правосудство.

„Слободен ѕидар“

Она што е контроверзно за него е дека се смета дека бил „Слободен ѕидар“ односно Масон. Според збирката на масонси документи која се наоѓа во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје, Шатев бил дел од масонската ложа на Александар Протогеров (велик мајстор) наречена „Светлина“ во која некогаш членувале и Даме Груев, Павел Шатев, Тодор Александров и уште многу други македонски интелектуалци и револуционери од крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Во Македонија се верува дека имало над 400 Масони и останува мистерија за тоа како и колку тие играле улога во револуционерната борба.

Единствениот преживеан од гемиџиите кој успеа да дочека старост

Додека студирал во Солунската бугарска машка гимназија која ја завршил во 1900 година тој се приклучил на Гемиџиите. Тие во април 1903 година ја изведуваат својата акција во Солун, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Шатев е задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција е успешно извршена, при што бродот бил запален, а и сите патници се спасени.

Во 1903 година заедно со преживеаните гемиџии Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов бил осуден на смрт. Но, потоа оваа казна била претворена во доживотен затвор во Фезан, во Сахара. Таму умираат Марко Бошнаков и Милан Арсов во 1908 година, а Шатев и Богданов (починал пред Шатев) по Младотурската револуција, добиваат амнестија што дошло прилично неочекувано и чудно за сите и повторно доаѓаат во Солун. По кусиот престој во Македонија, Шатев заминува во Брисел, каде студира на Правниот факултет.

Разузнавач на СССР

Во текот на Првата светска војна е мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. Воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година станува професионален разузнавач за СССР.

Игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Обединета). Во 1931 година се враќа во Бугарија. Во ноември 1941 година е уапсен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите е осуден на 15 години затвор.

Конфликтот со новите македонски комунистички власти кој го уби

На Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, е избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија.На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година.

Шатев влегува во судир со комунистичкото раководство на Македонија, затоа што бил на страна на советската партија. На 16 јуни 1949 година Шатев бил уапсен „како непријател на државата“ и набрзо, на 27 јуни, му бил одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, до мај 1950 година по што е испратен во Битола, во домашен притвор.

Набрзо се разболел и бидејќи не му било дозволено да се лекува починал во јануари 1951 година. Властите не дозволиле да биде погребан во Картово, туку во Битола и исто така не му дозволиле на неговото семејство да присуствува на погребот.

„Идеалот на Македонецот е создавање на една Татковина, оделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот.“, изјавил некогаш Шатев.