Мистеријата на небесните јами што се „појавуваат“ среде шума во јужна Кина

Јужнокинеската автономна област Гуангкси Жуанг деновиве привлекува внимание со интересно откритие. Научниците предводени од Чен Ликсин неодамна открија нова дупка во областа долга 306 метри, широка 150 метри и длабока дури 192 метри.

На дното на ова природно чудо се наоѓа добро сочувана примитивна шума со дрвја високи до 40 метри и бројни растенија.

„Не би ме изненадило да откријам дека таму има видови кои досега не биле познати или опишани од научниците“, изјави Чен Ликсин за кинеските медиуми.

Иако дупките во средината на шумата изгледаат необично и малку страшно, тие се релативно чести во овој дел на Кина. Во Кина се нарекуваат Тианкенг или небесни јами, а само во Гуангкси Жуанг се пронајдени околу триесет вакви.

Карстната топографија која е карактеристична за јужниот дел на Кина е одговорна за честото создавање на овие вдлабнатини во облик на инка, тркалезни и долгнавести во карстот. Но, поради локалните разлики во геологијата, климата и другите фактори, дупките и влезовите на пештерите овде се подраматични и поголеми отколку во поголемиот дел од остатокот од светот.

Научниците посочуваат дека дупките можат да играат многу важна улога во природата и да содржат резерви на подземни води или карстни водоносни слоеви чија вода ја користат милиони луѓе ширум светот.