Мистериозната „Вртена скала“ на истокот од Македонија која дала надеж на многу семејства

Македонија има многу скриени богатства и тоа не може да се негира. Природни убавини можат да се сретнат на секој чекор, а интересно е што кај нас традицијата и верувањата сѐ уште се почитуваат, па голем дел од ваквите места имаат приказни и легенди кои се поврзуваат со необични и натприродни работи.

Градот Пехчево иако е мало место на истокот на нашата држава сепак изобилува со богата историја и живописна природа. Но, дали сте слушнале за „Вртена скала“ во близина на овој град?

„Вртена скала“ е карпеста форма со специфичен изглед, висока околу 5 метри. Местото може лесно да се најде и се наоѓа на само 4 километри од Пехчево, односно во Буковик,на десната долинска страна на Пехчевска Река.

Легендата за „Вртена скала“

Карпата има прилично чуден изглед. Низ средишниот дел на карпата има тесен отвор, долг околу 2 метри. Ваквиот чуден изглед уште во дамнешни времиња ги инспирирал жителите да веруваат дека „Вртена скала“ има специфична моќ. Локалните жители веруваат дека протнувањето низ карпата им помага на жените кои немаат деца да добијат пород, а на малите деца им помага од несоница и немир.

Ритуалот кој се изведува на „Вртена скала“

За сѐ да заврши успешно потребен е одреден ритуал. Првин се избира еден човек кој ќе ја води жената кај вртената скала, во присуство на нејзиниот маж и други блиски роднини. Оваа личност има за задача да ѝ помогне на жената да се протне низ отворот на скалата од едниот до другиот крај.

Потоа обичај е до карпата да се остават пари и подароци. Исто така кај карпата жената треба да го дарува човекот кој ѝ помогнал. Така тој човек станува побратим на жената и секоја година на тој ден жената со фамилијата оди на гости кај побратимот со дарови и јадења. Ова верување е распространето не само во Малешевијата туку и пошироко во Пијанец и Кочанско.

До „Вртена скала“ лесно се стигнува затоа што луѓето сѐ уште ја посетуваат и до неа води обележана патека, а просторот околу карпата е уреден и обезбеден.

Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.